Жарко Лаушевиќ: Слободата е прашање на менталниот склоп на човекот

7 October, 2017 - 18:44

Славата и успехот што ги стекна во 80-тите години на минатиот век во поранешна Југославија, за актерот Жарко Лаушевиќ беа запрени 1993 година во Подгорица, по двојното убиство во самоодбрана, при напад од помлади лица. Делото го поттикна инстинктот за преживување, објаснува тој.

„Тешко е и за човек кој е трениран цел живот за некакви таква ситуација, кога ќе се случи нешто такво, таква една ужасна средба , тешко може да реагира според некој истрениран концепт. Тука се појавуваат емоциите , тука се појавува чувството за преживување. Тој порив што е веројатно најсилен на светот. Се појавуваат некои слики и ден - денеска од брат ми кој е на ивица на смртта. Обид да се спаси тој, да се спаси сопствениот живот. Тешко е за тоа да се зборува. Тешко е да се споредува со било што друго. Ќе беше прекрасно да не се случеше и веројатно немаше да има посреќен човек од мене. Особено поради несреќните последици од сето тоа за тие несреќни семејства. За жал се случи“.

Лаушевиќ беше осудуван повеќекратно, но од затвор излезе по 4 години и 7 месеци. Пресудата на 13 години затвор од црногоскиот Врховен суд во 2001, беше амортизирана со помилување од српскиот претседател Тадиќ, 2011-та. Во меѓувреме тој замина во САД и 10 години беше на потерница на ИНТЕРПОЛ.Преживеаната агонија ја опиша во дневниците водени во затвор, од каде произлегоа двете објавени веќе хит книги : „Годината помина. Денот никогаш“ и „Втора книга- дневник на едно робија“. Таму на едно место вели дека човек кој убил никогаш повеќе не може да биде слободен . Денес има малку поинаков однос кон слободата.

„Јас мислам дека тоа е некакво субјективно чувство. Човек може да биде слободен и во затвор. А, може да биде затвореник и во незнам каква демократија. Тоа е нешто што е прашање на личната хигиена, на менталниот склоп на некоја личност. Дали во хаосот што го опкружува ќе успее сепак за себе да пронајде чист простор. Дали е тоа семејството, дали е тоа дел од молитва или не знам што, каде ќе се почувствува слободен“.

До 1993 година тој сними 50 – тина филмови, тв серии и одигра претстави за кои ги доби највисоките филмски и театарски награди.И денеска се памети неговата улоги во претставата „ Свети Сава“, чие насилно запирање 1990 година во Белград, според Лаушевиќ е почеток на граѓанската војна во Југославија, како и остварувањата во тв серијата „ Сивиот дом“, во филмовите „ Офицер со роза“, „ Браќа по мајка“ и „ Подобро од бегство“.

„Јас никогаш не сум го сакал премногу тоа што го работев. Затоа што секогаш пронаоѓав недостатоци. Во театарот е поинаку. Нешто ќе направам денеска , па аха, утре тоа ќе го смениме. Утре ќе најдеме подобра нијанса. А , за филмот знаеме , за жал ја има таа трагедија да забележи една работа. Аха, режисерот вели дека ќе го избере тој дубл и тоа е готово. Тоа е за сите времиња“.

Жарко Лаушевиќ кој сега живее на релација САД - Србија, пак интензивно работи во регионот. Го сними филмот „Смрдлива бајка“ и три серии, а деновиве ја започна и четвртата. На затворањето на „ Киненова“  на 11 октомври, ќе биде прикажан филмот, како дел од серијата „  Сенки над Балканот“, каде тој го толкува српскиот принц Џорџе Караџорџевиќ.      

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1938 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.