Земјотрес од 8,2 степени го погоди Мексико, властите бројат урнати згради и загубени животи

8 September, 2017 - 16:30

Најмалку 33 лица загинаа во најсилниот земјотрес што некогаш го погодил Мексико. Според претседателот Енрике Пења Нието земјотресот бил со јачина од 8,2 степени според Рихтер. Земјотресот бил со епицентар во Пацифичкиот океан во близина на Пиџиџаипан, на длабочина од 79 километри. Американската геолошка лабораторија соопшти дека јачината на земјотресот била 8,1 степен.

„Ова го прави земјотрес со досега најголема забележана јачина во нашата земја, во последните 100 години“, оцени мексиканскиот претседател Нието.

Потресот бил почуствуван и во Мексиско сити, кој се наоѓа на речиси 1000 километри од епицентарот. Според локалните медиуми мексиканската престолнина се тресела цела минута.

„Можеше да се слушне крцкањето на зградата, светлата се изгасија а јас ја зграбив пријателката и плачев, плачев бидејќи бев многу исплашена“, раскажува Анахи Мациас од Мексико Сити.

Според првичните информации земјотресот предизвикал значителна штета во сојузните мексикански држави Оахака и Чиапас. Локалните медиуми соопштуваат за многу урнати згради и голем број на загинати. Претседателот Нието исто така потврди дека се очекува бројот на жртвите да се зголемува.

„За жал веќе примаме извештаи за загубени човечки животи и материјална штета, кои се уште не можеме да ги утврдиме“, рече Нието.

Ова е досега најсилниот земјотрес годинава на планетата, три земјотеси со јачина од 7 степени беа регистрирани досега, од кои еден 7,9 степени во Папуа Нова Гвинеја во јануари. Пацифичкиот центар издаде предупредување за цунами за државите Хондурас, Ел Салвадор, Гватемала и Коста Рика.

Игор Трајков

Веста е прочитана 2657 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.