Започна увидот на дела во Владата без присутни од Националната галерија

13 June, 2017 - 18:27

Утрово три члена комисија, формирана од Службата за општи и заедници работи при Владата, вршела увид во просториите и депоата на владиниот објект, во потрага по 26 дела кои Националаната галерија ги позајмила на оваа институција пред 18 години. Според директорот на СОЗР, увидот бил запрен на пладне и ќе продолжи утре.

-Не завршија во просториите на Владата заради тоа што во 12 часот почна седницата на Владата. Меѓутоа во текот на утрешниот ден ќе направат попис комплетно на делата кои ни ги има дадено Националната галерија. Јас не би сакал да шпекулирам ништо пред време, чекам да заврши, да ми дадат извештај комплетен. Потоа ќе ја известиме Националната галерија и заеднички ќе им овозможиме да направат ревизија, изјави Пеце Мирчевски, директор на СОЗР при Владата на РМ.

Од Националната галерија велат дека никој не ги информирал за започнатиот увид на делата во Владата. Во телефонскиот разговор, раководителката на колекцијата, Маја Чанкуловска- Михајловска ни изјави дека согласно правилниците за чување, депонирање и евиденција на делата, тие треба да бидат повикани во Владата, за да ја утврдат физичката состојба и евентуалните оштетувања на делата, да видат каде и како се чувани откако биле тргнати од ѕидовите, за време на внатрешното реновирање на објектот од страна на претходната власт.

Директорот на СОЗР, со одговор дека не повикале никого од Националната галерија зашто сакаат најпрвин тие да утврдат каде точно се наоѓаат делата. Според Мирчевски, се очекува увидот да заврши во текот на следниве денови. Увидот се врши на барање на Националната галерија, испратено до СОЗР, до премиерот и до министерот за култура. Како што неофицијално дознава Телма, едно од позајмените дела, од авторот Петар Мазев, исчезнало во 2014 година.  

Сотир Трајков

Веста е прочитана 3545 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.