Законот според кој ДИК си подели надоместоци ќе се проверува во Антикорупциската комисија

7 December, 2017 - 17:00

Одредбата на Изборниот законик, на која се повикуваат членовите на ДИК, како основа според која си доделиле надоместоци, ќе оди на проверка во Антикорупциската комисија. Работната група што работи на дискреционите овластувања и одделението што неодамна почна со  проверка на старите, но и новите закони, за елементи за коруптивни ризици,  ќе треба да поработи и на овој закон, изјави денеска претседателот на Антикорупциската комисија.

Правниците велат дека првин требаше да се закаже јавна седница и да си ја поништат одлуката за надоместоци. Но, бидејќи тоа не се случи, постојат и други начини да се реши ситуацијата, како на пример, да се бара автентично толкување од собраниската Законодавно –правна комисија.

И поранешните состави на ДИК имале можност за широко толкување на одредбата за надоместоци од Изборниот зкаоник, но истите биле категорични дека такво право за доделување плус надоместок не им следува, затоа што се избрани и именувани функционери и не се дел од изборната администрација.

Според Изборниот законик, изборната администрација ја сочинуваат стручната служба на ДИК, членовите на изборните органи, секретарите на ОИК, нивните заменици и други лица, времено ангажирани за изборите. Изборни органи, пак, се органите надлежни за спроведување на изборите. Под изборни органи спаѓа и ДИК.

Но, професорот Драган Гоцевски вели дека овде се мисли на администрацијата во ДИК, а не на членовите на Комисијата кои се избрани и именувани лица. Сепак, вели дека, тие не направиле ништо незаконско иако е дискутабилен моралниот и етички аспект.

Во меѓувреме, претседателот на ДИК,  Александар Чичаковски средствата од бонусот за локалните избори во износ од 260.000 денари ги донирал во граѓанската организација „Полио плус – Движење против хендикеп“. Претседателот на „Полио плус“, Звонко Шаврески, информираше дека се договориле сретствата да бидат искористени за унапредување на политичката партиципација на лицата со пореченост. Чичаковски парите веќе ги уплатил на сметката на оваа граѓанска организација.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 1202 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.