За 8 дена изложбата на Мазев ја виделе 4.000 граѓани

12 November, 2017 - 16:18

Ретроспективната изложба на сликарот Петар Мазев, во Даут пашиниот амам, во првите 8 дена од отворањето ја посетиле околу 4000 граѓани. Ова е рекорна посетеност на изложба во Националната галерија, во последниве години и е над нашите очекувања, вели директорката на оваа национална установа.

„Можеме да кажеме дека имаше посетеност до 3.000 луѓе на отворањето. А, од тогаш до сега, околу 1000 посетители. Имаме енормно многу групни посети.Самите доаѓаат. Порано ние ги молевме, од училиштата- дојдете, студентите- дојдете да не посетите, се јавувавме. Немавме доволна рецептивност од нивна страна. Ова не знам, можеме да го наречеме феноменот на годината, Мазев,  зашто посетеноста е над нашите очекувања“, вели директорката на Националната галерија Дрита Старова Керими.

Посетителите кои нашата екипа ги сретна во Даут пашиниот амам, независно дали дошле поединечно или во група, задоволни се од можноста да го видат пресекот од творештвото на Мазев, кој важи за родоначалник на модернистичкиот израз во современото македонско сликарство.

„Прекрасно е да се биде дел од еден ваков настан, каде што можеме да видиме дела од различно време, од творештвото на самиот уметник. Се што можам да забележам е начинот на кој што човекот творел и му се менуваат стиловите“, ни изјави еден од посетителите.  

Рецептот за успехот на изложбата, е во подолгото најавување на социјалните мрежи и со информирање на јавноста за ликот и делото на уметникот, вели директорката Старова Керими.

„Најмногу влијаевме преку социјалните медиуми, со тоа што подолго време ја најавуваме изложбата. Тоа беше од еден вид, едукативен карактер, каде што не повикувавме, да, тој ден е изложбата, туку напротив, информиравме за уметникот, за историјатот на неговото творештво, биографијата, за личните импресии од неговите пријатели“, додава таа.

Ретроспективната изложба на Мазев, организирана по повод 90 годишнината од неговото раѓање, беше отворена на 02 ноември и ќе трае до 20 јануари, идната година. Поради исчезнување, на изложбата не е вклучено делото од прва категорија „Слика7“. За неа МВР води истрага. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 940 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.