Во Скопје почина бездомник, најверојатно прва жртва на студот

8 January, 2017 - 18:10

Од полицијата потврдија дека утрово скопски Аеродром е најдено тело на починат бездомник. Жртвата имала 68 години, првичните претпоставки се дека починал од студот, но телото е дадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.

Бездомникот е најден на улица Бојмија, во близина на скопскиот транспортен центар. Смртта на бездомникот Јордан Трајковски ја пријавил негов другар, исто така бездомник, кај чуварот позади старите магацини на АРМ во чуварницата спроти поликлиниката Јане Сандански на улицата „Коста Новаковиќ“.

Случајот бил пријавен во полиција утрово околу 9.30 часот. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на Јавен обвинител телото е предадено на судска медицина за обдукција.

Изминатава седмица Македонија ја зафати поларен студ со минусни температури кои се спуштија и до минус 28 степени. Најзагрозени се бездомниците кои во Скопје ги има 146. За 40 од нив има сместување во прифатниот центар во Момин Поток.

Вчера по интервенција на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу беше згрижен еден бездомник (види на сликата од МВР) кој од студот се криел во влез во зграда во близина на полициската станица Беко. Заедно со социјални работници, бездомникот префрлен во Момин поток.

Министерот Нухиу иницираше и во наредниот период полициските службеници да посветат внимание на бездомни лица во насока на нивно згрижување, особено сега кога временските услови се директна закана по нивниот живот, соопштија од МВР.

И покрај тоа 68-годишниот Јордан Трајковски ден по интервенцијата почина на улица, а ќе се утврдува дали скопскиот бездомник е првата жртва на студот.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 15611 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.