Во Драмски театар нема да има вработувања по партиски клуч или врски

7 December, 2017 - 18:37

Ми се јави лице од Министерството за култура и побара трансфер на актер  во Драмски. Вака в.д. директорот на Драмскиот театар, Сашо Тасевски, ја коментира вчерашната жестока реакција на Фејсбук , во која напиша дека му бил вршен притисок, без да каже од кого, да направи трансфер на актер од друг театар во Драмски. Во изјава за Телма, в.д. директорот вели дека така изреагирал за да ја запре долгогодишната пракса на поранешните директори на институциите од културата, кои вработувале по партиски клуч или со врски, без да водат сметка за квалитетот. А, потегот на лицето од Министерството за култура,Тасевски го смета за партиски притисок.

„Притисок по партиска линија, да се трансферираат актери кои според мислењето наше овдека во театарот, не соодветствуваат за потребите на овој ансамбал и едноставно не им е местото кај нас, ако се земе предвид новата визија на Драмски театар“, кажа Сашо Тасевски - в.д. директор на Драмски театар.

На ФБ, Тасевски напиша дека нема да дозволи трансфер на актери кои не му требаат на Драмски, дека театарот не е социјална установа и дека зборот „мора“ не е соодветен за средина каде што се бара талент. Тој побара да се разговара рамноправно, и порача дека доколку тоа не се почитува,  да се бара друг директор на Драмски. Според министерот за култура, Алаѓозовски, во овој период има зголемени барања на вработени  во институциите од културата, за трансфери на исто работно место, но во различни средини, кои тие сакаат што повеќе да ги исполнат.

„За жал тоа е ситуација која произлегува од сеуште актуелната централизација на Скопје и во таа смисла ние имаме зголемен број на такви барања. Значи не се работи за нови вработувања, не се работи за некомпетентни актери или уметници. Се работи за социјални прашања  и барања на самите вработени  во културата. Бидејќи нашата посветеност кон вработените е примарна, се обидуваме тоа да го разрешиме. Се разбира дека таа комуникација некогаш може да биде тензична“, кажа Роберт Алаѓозовски- министер за култура.

За својата реакција, Тасевски утровото контактирал и добил подршка од премиерот Заев и од заменик министерот за култура, Лазовски.Како што вели, тие му рекле дека притисоците во иднина не смеат да продолжат, дека има одврзани раце да ја одработи доверената задача и да го врати реномето на Драмски, изгубено последниве години поради партиски вработувања на неквалитетни актери.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 5766 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.