Во 21 век учебници како од 15-ти

12 October, 2017 - 21:33

Неколку пати било побарано од универзитетот Свети Петар и Павле да го повлече учебникот по криминалистичка психологија. Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници детектирала дискриминаторски пораки во однос на сексуалните  малцинства, а особено е спорно претставувањето на трансродовите лица како насилници

„Трансвеститите можат да се однесуваат насилнички само во моментот на нивните неконтролирани пориви кога имаат незапирливи потреби да се облечат како спротивниот пол и ако при тоа ги открие некој или ги попречи“.

Универзитетот одбил да го повлече учебникот. Сличен одговор коалицијата добила и од страна на скопскиот универзитет во ситуациии кога реагирала поради учебници кои содржеле стереотипи, предрасуди и говор на омраза во однос на родовите односи, сексуалните малцинства, нестандардни семејства. Идните стручни кадри се образуваат од лекции во кои сидата е претставена како болест, а не синдром, а лицата кои користат дроги се опишани како умоболни или убијци.

Според  професорката Ана Мартиновска, најдобро е секој од професорите да сугерира разни видови извори од кои студентите можат да добијат сознанија за одредена појава. Не треба вели, само измена на учебниците туку и  едукација на наставниот кадар. Особено е важен начинот, како на пример, професорот ќе предаде одредена тема, на пример за семејството.

Она што е најважно,  вели Мартиновска како се прикажани одредени појави во учебниците за основно образование, бидејќи тогаш најмногу може да се влијае врз децата и нивните понатамошни видици во животот. Дел од учебниците, особено за граѓанско општество од кои учат се полни со предрасуди. На овој начин тие уште повеќе ќе ја дефинираат нивната личност, особено ако се има предвид фактот дека голем дел од нив веќе носат од дома стереотипи и негативни мислења во однос на маргинализираните заедници.

Министерството за образование веќе најави ревизија на учебниците, а во меѓувреме дел од спорните текстови веќе се тргнаа. Она што според невладините е важно, овие сега празни места да се пополнат со нови содржини кои се научно засновани и одговараат на современите практики. Многу често предрасудите се само последица на незнаењето, а тоа е се поизразено во нашиоот образовен систем. Колкави се неговите димензии забележа една наставничка на својот фејсбук статус.

 

Сања Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 1812 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.