Владата во Каракас испраќа војска за да ги запре протестите во западна Венецуела

18 May, 2017 - 13:42

Владата на претседателот Николас Мадуро испраќа 2.600 војници и припадници на специјалните сили во регионот на Ташира, на крајниот запад на Венецуела, за да ги запре раширените антивладини протести и масовните грабежи.

Во главниот град на регионот Сан Кристобал, што се наоѓа до границата со соседна Колумбија, најголемиот број од продавниците и бизнисите се затворени и се обезбедуваат од војници.

Во немирите и протестите на опозицијата против владата на Мадуро, во Ташира само оваа недела се убиени најмалку три лица, од кои двајца се тинејџери.

Вкупно 48 лица загинаа во досегашните судири на демонстрантите со владините безбедносни сили во протестите во Каракас и низ другите градови во земјата.

Претседателот Мадуро ја обвинува опозцијата дека „поттикнува насилство“ повикувајќи ги луѓето на демонстрации.

Министерот за одбрана, Владимир Падрино Лопез ја оправдува одлуката за испраќање дополни воени и безбедносни сили со намера за „пацифизација на ситуацијата“, но опозицијата обвинува за насилство на власта врз недолжните и незадоволни демонстранти.

Венецуела подолго време се наоѓа во длабока економска и политичка криза. Земјата, богата со нафта, нема пари за да ги набави основните потреби за луѓето, како и за храна и лекови.

Власта ја обвинува опозицијата дека извршува „економски пуч“ за да го собори Мадуро и за да ја запре неговата „социјалистичка револуција“ и се брани дека кризата е последица на ниската цена на нафтата.

Опозицијата, пак, обвинува дека владата е неспособна да се справи со ситуацијата и тврди дека кризата е последица на воведувањето социјалистичка економија во Венецуела и популизамот во политиката, што го спроведува Мадуро за да ги добива гласовите на сиромашните гласачи.

Масовните улични протести избувнаа откако Врховниот суд на земјата, што е под контрола и влијание на власта, се обиде да издејствува контрола врз избраниот Парламент, со создавање паралелно законодавно тело во кое нема да има опозиција.

Веста е прочитана 1547 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.