Владата се остри, ќе се конфискува нелеганиот имот, бројчаникот уште го нема

10 August, 2017 - 16:12

Владата, по 70 дена од формирањето, најавува дека ќе гради стратегија за конфискација на нелегално стегнатиот имот. Но, за бројчаникот што требаше да биде поставен на Триумфална капија и да покажува колку од украдените пари се вратени, сега велат дека се разгледуваат законските можности за реализација на идејата. Експертите го поздравуваат потегот, велат дека јавноста ова го очекува со години.

После 70 дена од практикувањето на власта, Владата конечно најавува дека ќе ги стегне редовите за поефикасна конфискација на криминално заработените пари. На предлог на Министерството за внатрешни работи, на вчерашната седница таа одлучила да гради Стратегија како поефикасно да се водат финансиските истраги и да се конфискува нелегалниот имот, со Акционен План за нејзино спроведување. 

Експертите велат дека ова е конечно добра вест, само криминалците нема да се радуваат.
„Тоа јавноста во Македонија очајно го чека веќе две децении, досега многу се зборуваше, а ништо не се направи, не дека и сега се прави, но штом најави Владата, сигурно има намера да тргне во тоа. На овој потег само криминалците не се радуваат, секој што си ја сака државата, знае дека ова е вистински потег“, вели Зоран Витанов од асоцијацијата на менаџерите.
Владата засега не открива какви мерки конкретно планира да преземе. Штом документот ќе бил готов, ќе бил поставен на јавна дебата.
Од Владата само ни изјавија дека за поставување на бројчаникот, во моментов се разгледуваат законските можности за реализација на идејата.
Витанов смета дека не е доцна да се реализира ова предизборно ветување.
„Не е доцна уште, треба да ги разбереме, државата беше во целосен колапс, 70 дена не се ништо. Ова е прв чекор кон поставување на бројчаникот. Ќе ги држиме за збор, јас сеуште верувам дека имаат добри намери“, додава Витанов.
Од МВР велат дека досега биле детектирани слабости во водењето на финансиските истраги и конфискацијата на имот, а со стратегијата треба да се испланира долгогодишно стратешко дејствување за нивно надминување. За тоа колку нелегални пари досега се вратени, не упатија на одговор во Агенцијата за конфискуван имот. Стратегијата е дел од агендата на Планот 3-6-9 за реформи на Владата. Министерствата за правда и финансии, заедно со УЈП, Царина, Управите за финансиска полиција и финансиско разузнавање, ќе номинираат свои членови во групата што ќе работи на нејзина подготовка.

 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 8390 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.