Владата бара МВР да спроведе истрага за сомнителни тендери

13 October, 2017 - 15:55

Само на Александар Никовски, еден од надворешните соработници на поранешниот премиер Никола Груевски, по разни основи му биле исплатени 220.000 евра. Покрај неговиот консултантски договор, Владата доставила барање надлежните иснтитуции да ги истражат и договорите на Џорџ Пери и Ехшуа Шуки Гвајтман, кои исто така биле надворешни соработници. Никовски добивал месечен надоместок од 3.000 евра, но дополнително му биле исплатени над 30.000 евра по разни основи.

Владата до МВР испратила барање и за спроведување истрага во врска со начинот и процедурите за набавки на стоки и услуги на фирмата „Атриум“. За оваа фирма која е во сопственост на Бобан Муковски, брат на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Муковски, има индиции дека се користени дампинг цени за услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани, со цел компанијата да биде најдобро рангирана во тендерската постапка. Во реалноста, „Атриум“ извршувала занатски услуги по цени многу повисоки од пазарните.

Бобан Муковски во телефонски разговор за Телма одби да ги коментира обвинувањата. Не ме интересира ништо повеќе, рече Муковски. Иако претходно најави, одлучил да не тужи за претходниот случај кога беше обвинет дека неговата фирма ги бојадисувала помошните простории во Телеком арената по нереално високи цени. Владата денеска побара истрага и за начинот и процедурата за набавка на авио билети од страна на СОЗР. По склучување рамковни спогодби со повеќе компании, одговорните лица доставувале барање за понуди само до еден оператор. Според поранешниот директор Васе Доневски  ова не е точно.

„СОЗР само ги препраќа понудите на фирмите до институциите. Потоа институциите одлучуваат со која фирма ќе патуваат. Нивниот избор зависи од многу фактори, меѓу кои секако е и терминот кога има лет“, рече Доневски.

Доневски посочува и дека дека билетите ги плаќаат самите институции кои ги користат овие услуги.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 945 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.