Васил Атанасов: Политичарите да бидат разумни и да ги слушаат уметниците

8 January, 2017 - 15:13

Пост изборно, ситуацијата во земјава е статус кво, а клучот е во домашните политичари кои во интерес на народот и државата треба да донесат разумни одлуки, вели првиот обоист и солист во Македонската филхармонија, Васил Атанасов. Тој на политичарите им го препорачува својот најнов компакт диск „ Фантастични парчиња“ зашто, како што вели, јазикот на уметноста е универзален и облагородува.

„Ако ги слушаат политичарите, уметниците, мислам дека ќе се поуспешни и подобри бидејќи јазикот на уметноста е универзален. Музиката си го прави своето. И научно е докажано дека трудници и бебиња кога слушаат повеќе музика, се за 30 % поинтелигентни.“

Од 4 децении уметничка дејност, колку што во 2016 прослави Атанасов, 36 години отпаѓаат на неговата работа во Македонската филхармонија. Како член на оркестарот, без постојан кров над главата, ентузијазмот е дел од мојата девиза за успех, во ситуација кога како музичари сме неправедно запоставени, вели Атанасов.

„Значи како прво, немаме работен простор. Јас се надевам дека следната година навистина ќе згазнеме во новата Филхармонија и ќе бидам пресреќен бидејќи мене од дете ми ја кажуваат таа приказна за Филхармонијата.“

Тој има снимено над 1000 минути музика за радио, одржал стотици камерни и солистички концерти дома и во странство, учествувал во 1200 симфониски, соработувајќи со врвни музичари и диригенти од земјава и светот. Oсвоил повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои е и „ Златната лира “ за животно дело, од Сојузот на музички уметници на Македонија.

„Без работа нема успех. Ако се спојат талентот, љубовта, ентузијазмот и работата, успехот е тука“, вели тој.

Со звуците на солото од балетот „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски, Васил Атанасов ви посакува добро здравје, среќа и пореален поглед на животот, во Новата 2017 година.    

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2010 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.