Ураганот Ирма пристигна во Флорида, тројца загинати

10 September, 2017 - 15:14

Флорида, Мајами, И САД живеат денови и часови без здив, во страв од ураганот Ирма кој напуштајќи ја Куба повторно доби на сила, и сега е повторно ураган од 4-та категорија. Досега, бројот на човечки жртви по патот на Ирма изнесува 27 лици.

Најмалку еден милион луѓе ги напуштиле своите домови во Флорида. Останатите, најчесто старите и болни, жени афроамериканки со деца пред се, како сардини се збиени во 260-те импровизирани засолништа низ Флорида. Најсреќните имаат каде да легнат, останатите ќе ја поминат бурата стоејќи или на скали. Суреалноста во Мајами продолжува, совршени странци, лакти до лакти ќе го делат разредениот воздух, бидејќи токму нивните домови и нивниот град е првата линија на фронтот.

„Под полн капацитет сме и тука сме преку 900 и нешто луѓе сместени, но знаеме дека доаѓа и знаеме дека сме во зграда која може да издржи категорија 4 ураган, и веруваме дека ќе бидеме безбедни. Веруваме дека ќе бидеме безбедни“.

Во Мајами е прогласен полициски час. Доналд Трамп преку твитер испрати уште една серија на апели до граѓаните. „Одете си без да се грижите за материјалните добра, нив ќе ги замениме, вашите животи не“. Проследено со молитва. “Ирма пристига, Господ нека ве благослови сите“.

И Гувернерот на Флорида Рик Скот со најнов апел до граѓаните. „Станува збор за неверојатно голем ураган“. Килер, убиец од ураган, ќе истакне првиот човек на Флорида.

„Ова е очигледно животно загрозувачка ситуација. Сетете се во југо-западна Флорида, ударот на бурата пристигна после најсилните ветришта. Немојте да мислите дека бурата е завршена кога ветровите ќе ослабат. Налетот на бурата ќе пристигне и ќе ве убие“, изјави Рик Скот, гуверенерот на Флорида.

Но, Ураганот Ирма носи премногу изненадувања. Траекторијата на Ураганот станува се понепредвидлива соопштуваат од американскиот центар за урагани. Можно е Мајами, најблиндираниот град во овие моменти, не само да се спаси, туку и дури да не биде гребнат од Ирма. Според најновите симулации на експерите ураганот има нова траекторија. Наместо Мајами, Ирма ќе удри по западно, во заливот на Тампа. И тука настапува нова паника и нов егзодус. Уште едно масовно бегство и евакуација на уште еден град во Флорида.

Тоа од што највеќе се стравува сега на западниот брег од Флорида е фактот што нивото на водата може да се покачи цели 4 и пол метри. На многу места од крајбрежјето водата е комплетно повлечено, и се стравува од водата која потоа ќе надојде.

Мајами можеби е спасен, но најлошото за Флорида допрва следува.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 4716 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.