УНЕСКО: Статусот на Охрид никогаш не бил доведен во прашање

12 April, 2017 - 17:05

Статусот на Охрид во УНЕСКО никогаш не бил доведен во прашање, велат членови на мониторинг мисијата на светската организација која деновиве врши увид на заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион.

„Никогаш не се поставило прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Тука сме во рутинска мисија да ги разгледаме проектите на Националниот парк Галичица, кои се комплексни. Увид во нив извршија и експерти на ИКОМОС, бидејќи се работи за подрачје богато со културни и природни вредности. Ја проверуваме исто така и состојбата на објектите врз кои се врши конзервацијата, а се дел од културното наследство. За тоа тоа ќе го известиме комитетот на УНЕСКО,“ изјави Ана Сидоренко, претставник на УНЕСКО.

Мониторинг мисијата на УНЕСКО денеска оствари средба раководството и стручните лица на охридскиот Завод и Музеј кои им ја презентирале целокупната документација за реализација на теовните проекти и заштитно конзерваторските работи во регионот. Во придружба на домаќините експертите на УНЕСКО го посетија локалитетот Плаошник каде во тек се градежни активности за возобновување на Св. Климентовиот универзитет, како и други локации каде има заштитено културно наследство.

„Мислам дека многу имаме сработено последните години и не гледам причина зошто Охрид би бил ставен на црна листа на УНЕСКО. Ова е советодавна мислија? Дали очекувате одредени препораки? Ќе има извештај, каков ќе биде, дали со препораки ќе видиме кога ќе го добиеме извештајот, тој ќе биде јавен и сигурно ќе имате моѓност да го прочитате сите,“ изјави Тања Паскали Бунташески, директор за Завод и Музеј Охрид.

Претставниците на УНЕСКО на средба зад затворени врати денеска ги слушнаа ставовите на локалната самоуправа, а агендата предвидува и средба со еколошките здруженија. Мониторинг мисијата на УНЕСКО уследи на барање на владата откако на седницата на Комитетот на УНЕСКО одржана минатиот јули во Истанбул беше изразена загриженост дека предвидените проекти во НП Галичица може да го загрозат статусот на охридскиот регион кој е проглассен за светско природно и културно наследство. Миниторинг мисијата ќе трае до 14 април, врз основа на што Комитетот на УНЕСКО потоа ќе изготви извештај кој јавно ќе биде објавен. 

Горан Момироски

Веста е прочитана 1381 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.