Угостителите бараат реформи во дејноста и Национална стратегија

11 October, 2017 - 16:39

Селективни и високи казни од инспекциите, присуство на полицијата при инспекциските контроли, неодржлива даночна политика , недостаток на кадар и несоодветно работно време по локалите, се проблемите со кои се соочуваат 700 илјади вработени во угостителскиот сектор во Македонија, од кои околу 150 илјади во редовен работен однос. Поради тоа угостителите, како што велат, формирале ново здружение што ќе ги застапува пред институциите, во борбата за реформи во угостителството. Тие бараат од државата изготвување национална стратегија, во чија подготовка ќе бидат вклучени заедно со хотелиерите и со претставниците од други услужни дејности.

„Време е за инклузивни политики и конструктивна дебата, бидејќи она што ние го работиме, не се сведува само на некакви права за нас кафеанџиите, туку и за егзистенција на 100-тици и 1000-ници семејства, вработени во овој сектор и за перспективите на економскиот просперитет на целата држава“, кажа Илија Аргировски - член на Управен одбор на здружението „Хорекаши“

Од Здружението за заштита на правата на угостителите, искажаа резерви за новиот Предлог  закон за пушење по локалите, изготвен , како што нагласија, без консултација со нив.

Со новиот предлог закон 30% внатре ќе се пуши, каде ќе има можности. И тоа со внатре- надвор, тоа е малку недоискажано, кажа Јохан Елзесер - претседател на здружението „Хорекаши“

Новото здружение „Хорекаши“ започна соработка со слични здруженија на угостители од Куманово и Битола. За нивните барања , како што рекоа, наишле на позитивен одглас од Владата. Но, сепак преку адвокатите што ги застапуваат, барањата ќе ги испратат и написмено.  

Сотир Трајков

Веста е прочитана 5261 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.