Уапсен Игор Југ - насилникот од 27 април кој се бараше со потерница

21 September, 2017 - 09:18

Утрово во Куманово е уапсен Игор Југ, еден од групата која на 27-ми април упадна во прес-салата на Собранието каде беа претепани и нападнати пратеници и новинари, потврдија за Телма извори од истрагата.

Веднаш по инцидентот беше отворена истрага против Југ, но тој беше недостапен за полицијата.

Од полицијата, засега, официјално не потврдуваат.

Апсењето е изведено утрово, а Игор Југ бил најден во станот на својот починат татко во Куманово, дознава Телма од извори во истрагата.

Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово кое беше дел од патриотскиот фронт. Пред настаните во Собранието, фронтот упати декларација до јавноста дека се против начинот на работата во македонскиот парламент и се заканија со други мерки.

Југ на 27-ми април беше дел од групата која успеа да стаса до собраниската прес-сала каде беше извршен напад врз пратениците на актуелната власт. Југ во парламентот влегол преку предната врата која ја отворија пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, додека голем дел од насилниците со фантомки влегоа од задниот влез во Собранието. Носеше црна маица со симболот на про-усташката организација ХОС, а беше забележан како подолго време ја држи раката на грбот под маицата по што јавноста се прашуваше дали бил вооружен со огнено оружје.

Југ беше посочен и од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ (бил во Собранието за време на инцидентите) во неговото прво интервју, дека Кумановецот требало да го застрела Заев во прес салата, но преку фејсбук Југ одговори дека доколку имал таква цел ќе го сторел тоа.

Првично се зборуваше дека се крие во јужна Србија каде заминал веднаш по инцидентите, но српските власти по проверките соопштија дека не е откриен таму.

Кога полицијата по налог на обвинителството отиде да го бара во Куманово, во станот на Југ немало никој. Тој првично е осомничен за насилство, а во тек е и истрага на обвинителството за организиран криминал и корупција како било организирано насилното сценариот во Собранието на 27-ми април.

Веста е прочитана 29872 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.