Трамп ја преселува американската амбасада во Ерусалим - тензично на Блискиот Исток

5 December, 2017 - 21:59

Доналд Трамп не престанува да го тресе светот, овој пат во еден можне експлозивен регион, каков Блискиот Исток. Американскиот претседател одлучи да ја премести американската амбасада во Израел, од Тел Авив, во поделениот Ерусалим, со што фактички Америка го признава Светиот град за главен град на еврејската држава.

Статусот на Ерусалим е проблематичен и спорен, и Палестинците и Израелците го сметаат за свој главен град, и оттука унилатералниот потег на Трамп, отвара едно комплицирано и сензитивно прашање кое го тангира и статусот на Палестина и Западниот брег, и кое може да ги замрзне преговорите базирани на планот за две држави, а во исто време да го распламне конфликтот во регионот. 

Бран од вознемиреност, од Анкара до Париз, кај Арапската лига и низ Европската Унија. Најгласен во хорот беше Ердоган кој предупреди дека статусот на Израел е црвената линија за муслиманите, и навести можен прекин на дипломатските односи со Израел.

„Ерусалим, господине Трамп, е црвената линија за муслиманите. Додека раните на палестинскиот народ продолжуваат да крварат, додека постои секојдневно прекршување на правата и опресија, носењето ваква одлука да се поддржи Израел, не е само прекршување на меѓународното право, него и тежок удар за човековата совест“.

Францускиот претседател Макрон раговарал со Трамп, истакнувајќи му ја својата загриженост и ставот дека статусот на Ерусалим треба да биде решен во рамки на мировните преговори меѓу израелците и палестинците. Реакција и од арапскиот свет, преку секретарот на арапската лига Ахмет Абул која одлуката ја оцени како опасна и дека може да има реперкусии низ целиот арапски и муслимански свет.

И Палестинците и израелците бурно и емотивно реагираат на прашањето.

„Мислам дека тој чекаше предолго, требаше да го стори тоа веднаш кога стана претседател“.

„Како Палестинци, сведоци сме во последните децении на целосна пристрасност од страна на американските власти во однос на палестинскиот народ“.

„Мислам дека претседателот Трамп правејќи го Ерусалим главен град е прекрасно, бидејќи целата држава Израел цвета од Ерусалим, од овој град на Ерусалим“.

„Не ни е гајле за глупостите на Трамп, како граѓани на Ерусалим кои живеат под изарелска окупација од 40-тите, ништо нема да се смени за нас. Владата на САД секогаш ќе ги поддржува Израелците“.

„Не е само прашање на преместување на амбасадата. Тоа е прашање на едно од најсуштинските и најважни теми во израелско-палестинскиот конфликт, тоа е прашањето на Ерусалим. Кога ќе го признаат, значи дека донеле одлука комплетно да го поддржат изралскиот десничарски премиер Нетанјаху“.

„Нетанјахунизмот“ е форма на „трампизам“ на Блискиот Исток, радикална политика на избегнување компромиси,подигање ѕидови и ширење на колонии на палестинско тло, со што се напушта  внимателната и неутрална политика од годините на Обама. Знакот беше во воздухот со поставувањето на Давид Фридман за американски амбасадор, човек кој се противи на решението за две држави, и го поддржување ширењето на колонии. За Зетот пак на Трамп, Џаред Кушнер, наводниот советник за Блискиот исток, деновиве се дозна дека една фамилијарна фондација донирала десетици илјадници долари за израелски населби во окупираните територии.
Тој претходно кажа дека Трамп се уште размислува за одлуката.

„Се уште разгледува многу различни факти. Кога ќе донесе одлука, тој ќе ќе тој што ќе ви ја сопшти, не јас. Значи, тој ќе се погрижи да го направи тоа во вистинско време“.

Трамп купуваше време, виде дека притисокот е огромен и можеби некој му  раскажал за бурната историја на регионот, и што може да донесе една трета Интифада. Но, сепак, кочката е фрлена.

Периодов покрај земјите традиционално инволвирани, порано во конфликтот, а денес во мировните преговори, како Египет и Јордан, кои се обидуваат да го вразумат Трамп, се јавија со категорично не дури и Саудијците. Во една студена војна за доминација со Иран, Ријад отиде далеку во подобрување на односите со Израел, дотаму што се шепоти за таен договор, меѓу еврејската држава и кралството на нафташите. Но, сега стравуват од народниот бунт на арапите и ситуација во која би требало Ријад отворено да одбере страна. А, Трамп, пред да им продаде . на саудијците оружје вредно 100 милијарди долари се воздржуваше да збори за признавањете. Дури и во Израел се изненадени од можниот неочекуван подарок. Со Иран на граница, нестабилен Либан, обединетите палестинци, Синај под исламски милиции и ИСИС, мораше ли токму сега Трамп да го одржи своето изборно ветување за признавање на Ерусалим?!

Ќе биде потсетен Трамп, дека ниту една земја го нема признаено најспорниот главен град на светот. Едно од значењата на Ерусалим е „градот на мирот“.  А која војна би можела да биде пострашна, се прашуваат арапите, од идејата на Трамп да се заглави во вечниот спор за Вечниот град, Ерусалим.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 4953 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.