Трамп: Имаме проблем со психички болести, не со оружјето

6 November, 2017 - 22:11

Бројот на жртви и местото на настанот варираат, 26 во црква, 26 во основно училиште, 49 во ноќен клуб, 58 на концерт, заеднички именители на овие напади се државата – САД и огненото оружје. Се менуваат и претседателите кои изразуваат згрозеност и гнев, но и ја смируваат јавноста со пораки за американското единство.

„Срцата ни се скршени, но во црни времиња, а ова се црни времиња, како овие, Американците го прават тоа што го прават најдобро. Се сплотуваме, подаваме и стискаме раце, и низ солзите и тагата, остануваме силни, многу силни“, кажа Доналд Трамп – Претседател на САД

Неговиот претходник Обама дури и се расплака.

„Секогаш кога помислувам на тие деца, се разлутувам. Патем, се случува на улиците на Чикаго секој ден“, порача Барак Обама – Поранешен претседател на САД.

Мала утеха за жртвите и нивните најблиски, но и за останатите Американци, кои се прашуваат каде ќе биде следниот напад. Во 132 изведени вакви напади, од 1966 година до сега, 974 жртви загинаа, 145 од нив беа деца или тинејџери. 272 огнени оружја се употребени во овие 132 напади, дури 164 оружја биле набавени легално. По секој ваков напад се развива дебата за контрола на оружјето.

Единствениот издржан аргумент кој сум го слушнала е дека имате проблем со вториот амандман, и на тоа треба да се фокусирате.“

Но овој пат Трамп ја прекина дебатата уште пред таа да почне. Според него не е проблем преголемиот број парчиња приватно огнено оружје кое го поседуваат американците, туку проблем се психичките болести.

„Имаме многу проблеми со менталното здравјево нашата држава, како и други држави, но ова не е ситуација на оружјето. Мислам, можеме да го разгледуваме, но се уште е многу рано и за среќа и некој друг имал оружје и пукал во спротивна насока, инаку немаше да биде лошо колку што е, ќе беше многу полошо“, додаде Доналд Трамп – Претседател на САД.

За нападот во Садрленд Спрингс, полицијата го идентификуваше 26 годишниот Девон Патрик Кели, поранешен припадник на американското воено воздухопловство, отпуштен во 2014 година откако бил осуден за домашно насилство. Тексас, државата во која беше извршен последниот напад, го има најлибералниот закон за купување и поседување огнено оружје од сите сојузни американски држави. Излегувајќи од црквата, Кели налетал на цивил, кој и самиот извадил автоматска пушка и отворил оган кон него.

„Како што излегувал од црквата локален жител ја земал својата пушка и отворил оган кон него. Осомничениот ја фрлил својата пушка, која била Ругер А-Р автоматска пушка и избегал од црквата. Нашиот локален жител тогаш се впуштил во потера по осомничениот“, кажа Фреман Мартин – Директор на Тексашкиот оддел за јавна безбедност.

Истиот цивил заедно со Џони Лангендорф, кој само што пристигнал со своето возило, пред црквата се впуштил во потера.

„Напаѓачот влезе во својот камионет, господинот со пушката дојде до мојот камионет додека напаѓачот бегаше, кратко ми раскажа што се случило и рече, мораме да го фатиме, и тоа и го направив“, изјави Џони Лангендорф.

Кели за време на потерата излетал од патот, но се уште не е јасно дали загинал од повредите здобиени од сообраќајката или бил застрелан од двајцата цивили кои го бркале.

„Излетал од патот и се превртел и починал во своето возило. За сега не знаеме дали самиот се застрелал или бил застрелан од нашиот локален жител, кој пукал во него. Знаеме дека починал во возилото“, соопшти Фреман Мартин - Директор на Тексашкиот оддел за јавна безбедност

Пукањето во црквата во Тексас се случи неполн месец по нападот за време на концерот во Лас Вегас во кој загинаа 58 лица, додека стотина други беа повредени. Нападот во Садерленд Спринг е 9 напад во верски објект во САД, и дури 4 во Тексас и претстаува до сега најсмртоносниот напад со огнено оружје во верски објект во американската историја.

Игор Трајков

Веста е прочитана 1043 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.