Трае увидот на делата во Владата, неофицијално недостасува една слика

14 June, 2017 - 15:57

Втор ден за ред, комисијата формирана од Службата за општи и заеднички работи при Владата, врши увид на делата позајмени од Националната галерија на Македонија на оваа државна институција. Од СОЗР денеска не соопштуваат нови детали, зашто, како што велат, увидот сеуште не е завршен.

Но, како што неофицијално дознава Телма од инсајдерски извори во Владата, комисијата формирана од СОЗР веќе ги пронашла делата од колекцијата на НГМ, но сеуште се трага по едно дело. Дали станува збор за сликата на Петар Мазев, за која  и Телма, неофицијално од свои извори дозна дека исчезнала од Владата во 2014 година, засега нема ниту потврда, ниту демант од СОЗР при Владата.

Увидот на уметнички дела во Владата, се врши паралелно со пописот на целокупниот имот кој новата власт го наследи од претходната. Увидот се врши на барање на Националната галерија на Македонија, која во 1999 година позајмила 26 вредни дела на Владата, изработени од уметници од првата и втората генерација современи македонски сликари и од тогаш не и било дозволено да влезе во објектот и да направи попис.

Вчера од Националната галерија реагираа дека не се повикани да присуствуваат на увидот во делата, со образложение дека треба  да ја утврдат физичката состојба, бројот и евентуалните оштетувања, од како делата биле симнати од ѕидовите на Владата , поради реновирањето на ентериерот, од страна на претходната власт.

Но, директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски изјави дека најпрвин комисијата треба да утврди каде точно се наоѓаат делата и да изготви извештај, а потоа од НГМ ќе бидат повикани да направат попис. Како што рече Мирчевски, се очекува увидот  на делата да заврши за неколку дена.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 8164 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.