Стотици предмети ги нема во АКМИС системот, открила комисијата

13 October, 2017 - 16:00

АКМИС системот во скопскиот Кривичен суд речиси и да не функционирал, изборот на тоа кои предмети кај кој судечки совет ќе се паднат, бил сведен на рачен избор на службеникот кој требало да раководи со системот. Оваа информација за Телма ја потврдуваат извори од Министерството за правда кое, деновиве преку комисија го истражува работењето на системот.

Комисијата открила шокантни податоци, дека стотици предмети воопшто и не биле внесени во сефтверот кој треба да ја врши распределбата на предметите. Истите извори велат дека финалниот извештај за работењето е при крај. Сепак не се знае дали ќе биде презентиран следната недела, или пак ќе се чекаат и други извештаи.

Телма дознава дека освен кривичниот, на мета на комисијата за испитување во текот на наредената недела ќе бидат и Врховниот и Апелациониот суд. Дилемата е дали извештаите да се презентираат пооделно или пак збирно. По ова министерството извештаите ќе ги испрати до Судскиот совет и Јавното обвинителство кои ќе имаат цел да ги истражат можните злоупотреби. Од друга страна денеска Врховниот суд преку соопштение известува дека од вчера започна проверка на ваквите системи во судовите низ земјава, но прв на мета беше гевгелискиот.

„Беше остварена работна посета на Основниот суд Гевгелија од страна на Претседателот на Врховниот суд и Раководителот на служба за информатика при што беше извршена контрола на функционирањето на АКМИС Системот. По добивањето на извештајот од анализата на функционирањето на АКМИС Системот ќе бидат донесени соодветни заклучоци, за кои јавноста ќе биде информирана“, велат од Врховниот суд.

Посетата на судот во Ѓевѓелија речиси и да се совпадна со давањето налог за претрес на екс претседателот на кривичен, Владимир Панчевски. СЈО го доби налогот токму од претседателката на гевгелиски за да истражи можна злоупотреба на Панчевски на АКМИС системот во кривичен. Ниту претседателот на врховен Јово Ванѓеловски, ниту на судскиот совет Зоран Караџовски, не беа достапни да одговорат зошто токму сега и зошто токму ѓевѓелискиот суд е прв во низата кои ќе се истражуваат. Од СЈО немаат коментар. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 7165 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.