Стереотипите во литературата за деца

7 May, 2017 - 15:56

Верските, националните и родовите стереотипи и предрасуди со кои се соочуваме секојдневно во најголем дел се создаваат уште во најрана возраст низ првата средба со литературата за деца. Затоа треба да се внимава во изборот на наставните содржини и наставниот кадар кој ќе ги презентира истите.

„Први се оние песнички каде се клетите Турци, кои се разбира повторно ќе ви кажам ние не можеме да ги избришеме и нема потреба да ги избришеме од историјата на литературата. Ние само мораме да ги објасниме во контекстот во кои тие се создадени. Зошто Македонците биле тогаш така поставени и кои биле тие историски околности“, вели проф. д-р Ана Мартиноска од Институтот за македонска литература.

За креирањето на наставните содржини е важно да бидат во тек со европските трендови во литературата за деца, смета професор Мојсова- Чепишевска.   

„Затоа што во светот, особено во Европа се води сериозно внимание што ќе му се поттурне на детето да прочита, што ќе му се каже на детето како приказна, така почнува, тој е прво слушател“, додава проф. д-р Весна Мојсова- Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

На националните, верските и родовите стереотипи се надоврзуваат и мноштво други за кои многу малку се размислува во наставните содржини, смета професорката Мојсова-Чепишевска.

„Треба да поработиме на такви текстови во принцип. Културализмот подразбира и деца кои се на маргините од типот на деца со физички и ментални пречки. Или деца кои изгледаат малку поинаку од другите деца. Мислам дека нашите книги и лектири сеуште не зборуваат отворено за таквите прашања“, вели таа.

За жал стереотипите и предрасудите на кои сведочиме секојдневно, не можеме да ги лоцираме само во наставните содржини, смета проф. д-р Ана Мартиноска.

„Конечно децата треба да ги учиме и за стереотипите кои ги имаат и вон училиштата, оние кои им доаѓаат преку медиумите, коишто им доаѓааат од социјалното опкружување во коешто живееме“, додава Мартиноска.

Литературата за деца има голема улога во создавањето на идната читателска публика, но и огромно влијание во создавањето стереотипи и предрасуди кај најмладите кои остануваат врежани дури и кога се возрасни.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 839 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.