Средба на партиите од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ

10 January, 2017 - 18:16

ВМРО-ДПМНЕ ќе отпочне преговори со ДУИ за состав на новата влада. Преговорите ќе се водат на највисоко ниво, односно меѓу Ахмети и Груевски. Партиите од „Коалицијата за подобра Македонија“ на денешната средба му дале подршка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски но дел од нив побарале од него да не ја прифати платформата  на Партиите на Албанците.

Од ДУИ велат дека отпочнувањето на преговорите не значи договор за коалицирање. Се ќе зависи од испорачаните и прифатени барања. Дури потоа ДУИ ќе одлучи дали ќе му биде владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети ќе побара од Груевски Албанскиот јазик да стане официјален, да се отвори дебата за знамето, химната и грбот, да се реши спорот со името, рамномерна буџетска распределба, непристрасно вршење на работата на СЈО, усвојување Резолуција во Собранието со која се осудува геноцидот врз Албанскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ очекува тешки преговори. Груевски, велат, ќе се обиде да состави влада, но тоа нема да го прави по секоја цена. Роковите течат. Во следните денови ќе се прават сите можни партиски комбинаторики и пазарења.

Мандатарот Груевски има рок најдоцна до 29 јануари на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Доколку во тој рок не успее да се договори парламентарно мнозинство, мандатот се враќа, а претседателот на државата е дожен да и ја додели на втората партија со најмногу пратенички мандати, односно СДСМ по што почнуваат да течат нови 20 дена за состав на Влада.

Јулијана Пешевска

Веста е прочитана 5616 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.