Со заштеди во ЕЛЕМ и МЕПСО ќе се враќа евтината струја

9 August, 2017 - 15:35

Ќе се кратат непродуктивните трошоци што досега постоеле во ЕЛЕМ и во МЕПСО, така ќе се покријат загубите кои би настанале со воведување на дневната евтина тарифа на струјата. Владини извори за Телма велат дека забрзано се лоцираат заштедите, кои би можеле да стартуваат веднаш, а евтината енергија да стане достапна за граѓаните веќе од стартот на октомври, како што беше најавено.

Првиот човек на МЕПСО, Василевски, ни изјави дека новиот управен одбор за ова прашање веќе одржал средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Ќе направиме се за да се реализира оваа мерка. Активностите се веќе почнати, ги усогласуваме ставовите. Но, првично ќе се скенираат состојбите во МЕПСО, да се утврди каква е состојбата во компанијата“, вели Василевски.   

Се очекува со свој став набргу да излезе и државната Електрани на Македонија. 

Владата не може да и наложи на ЕВН Македонија, која е приватна компанија, и таа да се обиде кај себе да направи заштеди. Засега од ЕВН нема став, може да се очекува до крајот на неделава. Од Владата неофицијално велат дека нема да се одобрат буџетски субвенции за компанијата, доколку тоа се побара како надоместок за воведување на евтината тарифа.

Претседателот на Регулаторна, Димитар Петров денеска за Телма само кусо порача дека нивната анализа уште не е готова. Иако начелниот рок што им го даде Владата веќе помина, не се знае кога регулаторите ќе го достават одговорот.

„Во тек се активностите, кога ќе има нешто ново, ќе ве известиме“, велат од Регулаторна.

Во меѓувреме, граѓаните очекуваат од октомври да се реализира владиното ветување. Тоа за нив ќе значи големи заштеди за домашните буџети.

Сега евтината струја се користи од 22 часот навечер до 7 наутро во работните денови, и цел ден во недела. Од октомври таа треба да стане достапна и по два часа во текот на сите други денови. И покрај укажувањата од Европската енергетска заедница, од Владата изјавија дека со неа ставовите се усогласени, па евтината струја ќе може да се користи се до влезот на земјава во Европската унија. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2576 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.