ОН со омекнати санкции кон режимот на Северна Кореја

12 September, 2017 - 16:23

Советот за безбедност едногласно одлучи да воведе нови санкции за Северна Кореја.

Според зборовите на американската амбасадорка во ОН, Ники Хаjли, стаува збор за најстроги санкции до сега.

„Накратко, ова се најстрогите мерки кога било наметнати врз С. Кореја. Тие ни даваат далеку поголеми можности да ја запреме способноста на режимот да го потхранува и финансира својот нуклеарен и ракетен програм. Но знаеме дека овие чекори ќе функционираат само ако сите нации ги имплементираат целосно и агресивно“, кажа Хајли.

Но, американскиот амбасадор не е докрај искрен. Изгласаните санкции се далеку помеки и разводнети од мерките кои Америка ги предложи на голем глас по последниот силен нуклеарен тест на 3-ти септември. Термонуклеарен тест од 160 килотони доволно силен да предизвика два земјотреси.

Санкциите се омекнати со цел да се избегне ветото на Русија и Кина. Нема целосно нафтено ембарго, туку само ограничувања во трговијата со сурова нафта и нафтени деривати. Ништо и од сместувањето на младиот диктатор Ким Џонг Ун, на црната листа за патувања, како ни од замрзнување на сметките во странство на севернокорејскиот лидер. Останува забраната за извоз за севернокорејската текстилна индустрија. Тоа е единствената индустрија реално погодена од санкциите, имајќи предвид дека носи 752 милиони долари во државанта каса. Но промашена е главната цел, односно желбата на американците да се блокира севернокорејската нафтена индустрија.

Северна Кореја ја отфрли најновата резолуција на Советот за безбедност на ОН и ја повтори заканата кон САД дека наскоро ќе се соочат со „најголемата болка“ што ја доживеале.

Севернокорејскиот амбасадор Хан Тае Сонг на конференцијата за разоружување на ОН во Женева, рече дека „режимот во Вашингтон експлодирал поради економски, политички и воени конфронтации, дека е опседнат со враќањето наназад на Северна Кореја како нуклеарна сила, која ја достигнала својата финалната фаза“.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 1403 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.