Скапата играчка на МВР проработе откако ги преспа „Диво Насеље“ и „Крвавиот четврток“

17 November, 2017 - 15:51

Вреди 20 милиони евра, а во најбитните моменти за полициските активности не функционираше. Станува збор за тетра системот, дигитален систем за врски меѓу полицијата, итната помош и противпожарната служба, единствен за целата држава, кој ги снима сите комуникации пренесени преку него. Од денеска е во целосна функција. Со него е покриена 99 проценти од популацијата во Макеоднија. Го промовираше и евро-амбасадорот Самуел Жбогар, бидејќи парите се од европски фондови.

Но, неколку години не функционираше. Тетра системот не ги сними комуникациите и наредбите на полициските специјалци за време на акцијата во Диво Насеље и затоа не може преку нив да се провери чија е одговорноста за големиот број на жртви во Куманово. Откритието дека скапата и ефикасна „играчка“ на МВР не функционира дојде по 27-ми април. При истрагата во МВР беше откриено дека не биле поврзани сите системи и поради тоа не се снимани ниту наредбите издавани во полицијата за време на крвавиот четврток. Со тоа дополнително е отежната истрагата за полициската одговорност за собраниските насилства.

Целиот пропуст заврши со дисциплинска постапка за Небојша Стајковиќ, тогашен помошник министер за информатичка технологија во МВР, кој исто таке е и обвинет во еден случај на СЈО. По откритието дека не функционира беа преземени мерки и тетра системот беше ставен во функција. Но доказите кои можеа да расветлат многу работи останаа засекогаш изгубени.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 10639 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.