Шведска ја прекина истрагата против Асанж

19 May, 2017 - 19:32

Шведското Јавно обвинителство соопшти дека ја прекинува истрагата против основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во врска со обвинувањата за силување. Шведските правосудни власти ја повлекоа и европска потерница издадена во 2010 година.

-„Тој е невин и случајот е затворен. Тоа е вистинската причина а моето цврсто убедување е дека обвинителството сега се обидува да си го обели образот. Тоа е моето мислење“, изјави Пер Самуелсон, адвокат на Џулијан Асанж.

Обвинителката Мариан Њу изјави дека според шведскиот закон се исцрпени сите можности за продолжување со истрагата.

-„Одлуката да се прекине прелиминарната истрага не е поради тоа што не сме успеале да направиме целосна проценка на доказите во овој случај, туку поради тоа што не гледаме друг начин за да продолжиме со истрагата“.

Прекинот на истрагата во Шведска не го ослободува Асанж, таа повторно ќе биде отворена доколку тој се врати во земјата пред август 2020, кога според тамошниот закон застарува делото.

-„Секоја прелиминарна истрага во Шведска може повторно да биде отворена, но тоа е чиста теорија и во реалноста нема да се случи“, кажа Пер Самуелсон, адвокат на Џулијан Асанж.

Асанж се уште не може да ја напушти амбасадата во Лондон затоа што ќе биде уапсен од британската полиција бидејќи не се појавил во суд во определеното време.

Основачот на Викиликс од самиот почеток ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека случајот е политички монтиран со намера да биде екстрадиран во Шведска, која потоа би им го предала на САД, каде е обвинет за објавување на украдени илјадници доверливи дипломатски и воени документи.  

Игор Трајков

Веста е прочитана 1590 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.