Се заканувал на судијка која го осудила, ограбил судија во викендичка и го врзал со кабли- по една година бегство фатен осуденик за убиство

9 November, 2017 - 17:29

Полицијата соопшти дека го уапсила 39-годишниот Орце Миленковски кој лани во декември избега од затворската болница во клиничкиот центар.  

Миленковски според соопштението е уапсен вчера попладне во Куманово. За 11 месеци колку е избеган, затвореникот успеал да изврши 10 кривични дела, извршил 6 разбојништва главно користејќи оружје, три тешки кражби и одзел еден автомобил.

Според информации од СВР Куманово, затвореникот додека бил на слобода кога комуницирал со други луѓе се заканувал дека ќе ја убие судијката која го осудила на 20 години затвор за убиство и продажба на дрога. За усно искажаните закани дознала и полицијата.  

За време на бегството, настрадал уште еден судија од кумановскиот суд. Бегалецот го ограбил и му се заканувал во пиштол откако влегол да ја ограби викендичката на судијата.

Судијата го фатил на дело разбојникот-затвореник бидејќи тогаш отишол да ја посети својата викендичка. Затвореникот Миленковски извадил оружје, му се заканил на судијата (најверојатно не знаел дека е судија во кумановскиот суд) и го врзал со кабли. Му го зел клучот и избегал со автомобилот на судијата.

Миленковски е осуден на 20 години затвор затоа што при обид за грабеж во Крива Паланка застрела брачна двојка. Во февруари 2014-та заѕвонил на домашна врата и кога му отвориле, со пиштол ги застрелал мажот и сопругата. Една од жртвите потоа им подлегна на раните на ограбувачот.

Откако беше фатен во мај 2014-та, беше осуден на 20 години затвор. Лани на 15-ти декември Миленковски заедно со друг затвореник (Бедри Ковачи од Сарај, осуден на 16 години затвор за киднапирање, оружје и дрога) спектакуларно избегаа од затворската болница во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Бегството го извршија со приватното возило на чуварот на затворската болница и го натерале да ги одвезе до Горно Нерези.

Полицијата за апсењето на Миленковски го издаде соопштението:

-По низа превземени оперативни активности, вчера (08.11.) во 17.50 часот од страна на полициски службеници при СВР Куманово, во координација и содејство со Централните полициски служби при МВР, лоцирано и од слобода е лишено лицето О.М. (39) од Куманово, кое се бараше по потерница од КПУ Идризово. Имено, О.М. којшто има правосилна судска пресуда за издржување казна затвор во траење од 20 години, а заради сторени казнени дела по член 123 (“убиство“) и по член 215 (“неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“) од КЗ на Република Македонија, подолг временски период бил во бегство. До моментот на лишување од слобода, според досегашните сознанија, се сомничи дека на подрачјето на Куманово извршил десет кривични дела и тоа шест кривични дела “разбојништво“, три кривични дела “тешка кражба“ и едно дело - “одземање на моторно возило“.

Веста е прочитана 2119 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.