Се местеле судии да судат определени предмети во скопскиот суд- Вангеловски обвинува двајца поранешни претседатели на кривичниот суд Скопје 1

22 September, 2017 - 15:46

Вангеловски тврди дека во кривичниот суд во Скопје се местеле судии да судат одредени процеси, наместо да се користи компјутерска распределба на предметите. Претседателот на Врховниот суд телефонски ни тврди дека тоа се случувало до послениот в.д.претседател Стојанче Рибарев, но не прецизира имиња.

-Под целосна одговорност тврдам дека постоеле аномалии и манипулации со распределбата на предмети во Основниот суд Скопје I Скопје, со години од страна на претходните претседатели (една поранешна претседателка и еден поранешен претседател на судот) се до стапувањето на функција на  В.Д. претседателот Стојанче Рибарев на 15.03.2017 година. Според моите информации тој (Рибарев) не дозволува да се прават манипулации со АКМИС системот, ни изјави претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.

На нашето прашање како тој препознавал рачно дадени предмети, Вангеловски ни одговори

Телма: Како Вие знаете дека е така?

Вангеловски: Кога ќе видите дека на корицата на предметот го пишува името на судијата што треба да го води случајот со параф од претседателот на судот, тогаш е јасно.

Телма: Тоа е напишано како насока на корицата?

Вангеловски: Па, повеќе како наредба до писарницата.

Пред Рибарев, кривичниот суд го водеа краток период Тања Михајлова, додека цели мандати имаа Владимир Панчевски и Лидија Неделкова. Панчевски кратко ни одговори дека нема коментар, а Неделкова ни рече дека нема потреба да коментира изјави на луѓе кои немаат кредибилитет.

Претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски ни изјави дека досега Вангеловски не го известил за своите сомнежи за местење судии и дека нема сознанија за такво рачно местење.

Компјутерската распределба на предмети- АКМИС е посочен и како сериозен проблем на македонското судство во вториот извештај на Прибе кој не штеди никој од правните институции за местењето судии на важни судски процеси.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 4099 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.