Се чека шеф на државното обвинителство, па после шефови за останатите

6 December, 2017 - 16:10

Советот на јавни обвинители не бира шефови на обвинителствата каде местата се испразнети оти се уште и официјално не е назначен првиот човек на државното обвинителство Љубомир Јовевски. И покрај распишаниот оглас уште летото советот денеска назначи само в.д извршители на должноста, на скопското Сашо Рајчев и Гордана Наќовска на организиран криминал. За непополнетите места одново ќе се распише оглас, претходниот ќе биде поништен.

Инаку досегашниот судија на Уставен суд, Исмаил Дарлишта денеска е избран за јавен обвинител во Републичкото јавно обвинителство. Советот на јавни обвинители ја именуваше и Мери Тромбева за раководител на вишото јавно обвинителство Битола и Билјана Стевчева за шефица на Основното јавно обвинителство Радовиш. Според претседателот на советот предвид биле земени сите критериуми.

Инаку на дневен ред денеска беше и изборот на седуммина обвинители во обвинителството за организиран криминал и корупција, но тие не се избрани оти дел од оние кои требаше да одат во пензија, ќе се обидат да го продолжат својот работен век колку што им дозволува законот. Инаку како што Телма претходно објави, за шеф на организиран криминал најголем дел од обивнителите се пријавиле за раководната позиција, меѓу кои и досегашниот привремен шеф  Златко Биковски, обвинителите од „Диво Насење“ Вилма Русковска и Наум Паноски, и обивнителката од „Ровер“ Лидија Раичевиќ Вучкова. За скопското обивнителство пак освен досегашната шефица Гордана Гешковска се пријавиле и нејзиниот поранешен заменик Јован Цветановски и обвинителите Мартин Митевски и Расим Дреца.

Собранието го стопираше изборот на државниот обвинител Јовевски, па со ова се стопирани и останатите постапки. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 1071 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.