Сценарија за крај на правната држава

11 January, 2017 - 17:03

Претседателот на државата Иванов повторно постапува спротивно од Уставот доделувајќи го мандатот за формирање влада на лидерот на партијата што освои најмногу пратеници, а не на партијата што има обезбедено парламентарно мнозинство, предупредуваат експертите по уставно право. За нив оваа одлука е преуранета и затоа што конституирањето на праламентот не е завршено. Истовремено, тврдењата дека никој друг освен победникот на изборите нема право да формира влада и дека тоа треба да го прави не само 20 дена, туку во неограничен број на обиди, се толкува како најава за нов удар врз Уставот.

„Ако така се постапува, тоа ќе значи крај на правната држава. Граѓаните се загрижени каде ја водат државата“, вели професорот по уставно право Осман Кадриу.

Тврдењето дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не формира сега влада, Иванов треба повторно да му го даде мандатот на Груевски се додека не состави влада, јавно го соопшти професорката по уставно право Тања Каракамишева.

„Тоа значи дека постапката мора да се врати од почеток и согласно Уставот истиот мандатар да проба повторно да состави Влада. На изборниот победник мора да му се остави толку време колку што е потребно за да се договори владина коалиција која ќе одговара на изборните резултати“, вели Каракамишева. 

Тоа е противуставно, категоричен е Кадриу. Потврдува дека во Уставот не е прецизирано, но постои уставна практика во Македонија. Во 92-та кога ВМРО-ДПМНЕ со апсолутно мнозинство не успеа да формира влада и го врати мандатот, потоа претседателот Глигоров го додели на следната партија, СДСМ. Во никој случај мандатот не го добива истата партија која не успеала да формира влада за 20 дена.

Политичката традиција и во други земји и во соседството и во Европа покажува дека нема таков случај како што промовира Каракамишева, туку мандатот за формирање влада го добива или партијата што има парламентарно мнозинство или секоја следна партија по освоени гласови. Свеж е примерот со Хрватска, но и Италија, Грција  или Шпанија, каде што се повторуваа изборите затоа што ниту една од партиите не состави коалиција. Во Италија со години најмногу гласови добиваше Комунистичката партија, но никогаш не формира влада бидејќи никој не сакаше да коалицира со нив. 

Сања Васиќ

Веста е прочитана 9128 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.