Рударскиот бизнис бара да стопира „хајката“ против новите рудници

15 June, 2017 - 16:20

Ние не сме убијци и сејачи на смрт, тие што така не нарекуваат прво нека го докажат тоа, но со издржани анализи, а не со празни обвинувања. Првиот човек на Рударската асоцијација денеска повторно ги повика граѓаните и заштитниците на животната средина, да ги прекинат, како што ги нарече, хајките против новите рудници. Така, вели, се праќа лоша порака до постојните, но и до новите инвеститори, од што земјава потоа нема да може да се опорави.

Никој не вели дека рудникот во Казандол нема да има влијание врз животната средина, но тој доби дозвола за експолатација и ги направи сите еколошки студии. Би било штета да се стопира изградбата, а државата има на располагање контролни механизми, тврдат луѓето од рударскиот бизнис. Тоа деновиве ќе му го кажат и на новиот министер за економија. 

„Рудникот има свое влијание врз животната средина, но тоа ќе биде во одржливи граници и треба да се поддржи. Македонските закони се ригорозни. Рудникот кој нема да ги испочитува нормите за заштита на животната средина, државата може во секое време да го затвори тој капацитет“, вели Николајчо Николов, претседател на Македонска асоцијација за рударство.

По одржувањето на успешниот референдум во Богданци, жителите на Валандово започнаа со протести, со цел да ја притиснат општинската власт да организира референдумското изјаснување. Тие блокираат патишта и најавуваат натамошни протести против рудникот Казандол. Еден од аргументите е дека при вадењето на рудата се користи цијанид, кој се разградува за 10 до 15 години.

„Тоа не е воопшто точно, технологијата на Казандол ќе биде слична на Бучим, ниту сме виделе, ни чуле за цијанид. Тој цијанид кој се употребува во некои рудници има многу брзо време на разградување. Нека кажат рудниците што го употребуваат дали некој се разболел во тие општини“, вели Николов.

Според него, многу поголемо загадување прави неконтролираната употреба на пестициди за заштита на растенијата. Знаеме како живеевме од 2000 до 2005 кога рудниците не работеа поради ниските цени, вели Николов.

Рударството генеририра околу 10 отсто од вкупното производство во земјава, а вработува околу 13 илјади граѓани, со просечна плата од 28 илјади денари.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 16511 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.