Ретроспективата на Мазев без исчезнатата „Слика 7“

31 October, 2017 - 16:13

Меѓу овие дела, закачени во галериските простори на Даут пашиниот амам, ја нема „Слика 7“ од Петар Мазев. Ретроспективната изложба, по повод 90 години од неговото раѓање, ќе помине без тоа вредно дело од прва категорија, зашто по пописот во текот на летото беше констатирано дека исчезнало од Владата. Од Националната галерија жалат што сликата не е пронајдена за да биде дел од изложбата, но како што велат, од МВР им рекле дека постојат позитивни сигнали дека ќе се пронајде.

„Секако дека ни е жал. Таа сепак е дел од нашата голема збирка. Секако дека ќе имаше соодветно место во нашата поставка. Сеуште трагаме по сликата. Имаме информации кои што се позитивни. Но, немавме доволно простор да ја добиеме, за да можеме да ја изложиме“, вели директорката на Националната галерија, Дита Старова Керими.

Од МВР, во интрес на истрагата, како што велат,  не сакаат да ги коментираат гласините во јавноста дека сликата е кај поранешен функционер од власта и дека се прават напори да му ја одземат. Само упатуваат на текот на истрагата:

„Од страна на СВР Скопје постапено е по добиената наредба за претходно прибирање на известувања од Основното јавно обвинителство Скопје , при што е обезбедена документатија , вршени се разговори со лица и обезбедени се информации, поврзани со исчезнувањето на уметничкото дело на Петар Мазев. Денеска, 31.10.2017 година ќе биде доставено известување до Основното јавно обвинителство во Скопје, со целокупната обезбедена документација во прилог“, велат од МВР.

МВР отвори истрага за исчезнатата слика на Мазев, по реакцијата на Управата за заштита на културното наследство на почетокот на јули, дека уметничкото дело го нема во владината зграда од 2007 година, но составот на СОЗР не ја известил за тоа Националната галерија до 2015 година. Оваа национална установа  пред 18 години и позајмила на владата 26 дела, меѓу кои е и „Слика 7“ од Мазев. Но, и покрај барањата, не им било дозволено од претходната власт да направат попис. Ретроспективата на Мазев ќе биде отворена во Даут пашиниот амам до 20 јануари идната година, а на неа ќе бидат прикажани 73 дела од повеќе фази од творештвото на овој родоначалник на модернистичкиот ликовен израз, во современото македонско сликарство. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1324 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.