Реформи во следењето на комуникациите

12 October, 2017 - 21:34

Технички или противуставен - која е вистинската дефиниција на членот 175 од законот за електронски комуникации. Експертите го гледаат како проблематичен кој ја олеснува злоупотребата на прислушувањето.

За членот 175 критики даде и Прибе во својот прв извештај. А во членот е предвидена обврска за операторите да овозможат директна врска со својата комуникациска мрежа на УБК на МВР, односно со орган задолжен за следење на комуникации. Следењето требало да се врши во реално време, а следениот да не забележи дека УБК го прислушува, стои во овој член каде дури од операторите се бара и подобар квалитет за оној што прислушува. 

„Операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат“, стои во Член 175 Став 9 од законот за електронски комуникации.

Проблем со членот 175 е што неговите противници сметаат дека со него се нарушуваат уставно загарантирани човекови права и слободи и никаде не е наведено дека мора има судска наредба за следење. Еднаш веќе успеаја, речиси идентична одредба беше поништена од Уставниот суд во 2010-та година.

Откако беше објавен скандалот со прислушување, и СДСМ застана на страната каде се критикуваше тој член. Критиките ги дополни Прибе, затоа што членот овозможува неконтролирано следење на комуникациите. Нова претставка беше дадена до Уставниот суд, и по речиси три години чекање, 2017-та отпочна постапка за оценување. На 10-ти август Уставниот суд побарал мислење од предлагачот на законот, владата. Во меѓувреме на крајот на септември-точката за поништување на членот беше ставена на гласање, но осумте уставни судии ги подделија гласовите и одредбата остана да виси. Две недели подоцна- владата изготви мислење со кое препорачува да не се укине членот, додека СДСМ во опозиција имаше различен став.

Претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски не можеше да коментира и рече дека ќе го чека мислењето на владата написмено. Друг проблем е што Уставниот суд сега има само 6-мина судии и се чека избор на тројца поради што одлуката на владата изгледа непотребно и изненадувачки за јавноста.

Технички безбедносни експерти кои ги консултиравме велат дека членот 175 е навистина само техничко решение и дека одговорност за злоупотребите треба да се бара во законот за следење на комуникации. Од друга страна пак многумина и не веруваат во владините соопштенија дека реформите ќе го отклонат проблемот со нови сеопфатни решенија и дека поништување на член 175 е парцијално решение.

„Јас не ѝ верувам на влада што има толку многу опрема за прислушкување на располагање наследена од авторитарен режим, а вие како сакате..... И парцијално решавање на нарушувањето на човековите права на граѓаните на Македонија е од огромно значање“. напиша Новица Наков, „Слободен софтвер“ на својот Фејсбук статус.

Реформите се во тек и многу скоро ќе има решение, се знае само дека го прават експерти- дека главно во работата е МВР, и дека првите предлози за помалку од месец дена ќе се најдат на јавна дебата. Но ниту 4-ца пратеници, двајца од ВМРО-ДПМНЕ, и по едедн од СДСМ и од ДУИ кои се делегирани од двете собраниски надозрни комисии досега не виделе ништо црно на бело од она што е предлог за реформи на следењето на комуникации. Никој не знае кои се експертите кои работат, никој не знае како ќе се реализира забелешката на Прибе- копчето за прислушување да се тргне од УБК.

„УБК не смее да има директен пристап до техничката опрема која овозможува следење на комуникацискиот сигнал. Комерцијалните прекинувачи треба да бидат префрлени во телекомуникациските оператори“, се наведува во Извештајот на Прибе, јуни 2015-та (повторено во извештај на Прибе септември, 2017)

Но, токму членот 175 го предвидува спротивното. Со тоа на некој начин и операторите се ослободени од одговорност.

А вистинскиот проблем со нелегалното прислушување се уште не е решен. Почнато е, но крајот се уште не се гледа.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 1086 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.