Реформи во дејноста и Национална статегија, бараат угостителите

12 October, 2017 - 21:35

Граѓаните се поделени околу барањата на угостителите за продолжување на работното време во локалите до 1 часот по полноќ, без ограничувања.

Анкета на граѓани:

„Да се почитува тоа што е предвидено. Значи до 12, односно до 24 часот. Повеќе од тоа мислам дека е на штета на станарите“.

„Го вознемируваат населението што не може да спие. Некои се наутро во школо, некои се на работа. Не е во ред“.

„Да нема ограничувања до колку ќе се работи. На некој може му се седи до подоцна . До 12, 01, 02. Барем до 03 часот нека биде, по полноќ„.

Угостителите го темелат барањето на можноста до 1 часот по полноќ да ги завршат сите обврски и да ги затворат локалите.

„Значи да не го кратат, зимско – летно, викенд... Да биде до 1 часот цело време, за да имаме време во тој час да ги испразнеме кафулињата . За да се држиме до прописите што ги бараат, до законите, за да биде на време се завршено“, истакна Илија Аргировски- член на Управен одбор на здружение на угостители „ Хорекаши“

Граѓаните се поделени и околу новиот Предлог закон за пушење во угостителските објекти кој дозволува  , доколку има можности, 30 % од просторот  да се отстапи за пушачите.

Анкета на граѓани:

„Пушење во затворени простории, не ! Не би требало. Мислам дека не е во ред да прават пасивни пушачи во просторијата. На кој му се пуши ќе си излегува надвор“.

„Јас мислам дека законот треба да биде уште построг. А , не сега да се попушта за политички отстапки“.

„Па, да. Би требало да има простор кој што ќе дозволува пушење. Е, сега тоа треба да биде некако изведено“.

И угостителите имаат резерви за новиот Предлог закон, изготвен, како што рекоа, без консултација со нив.

„Со новиот Предлог закон 30% внатре ќе се пуши, каде ќе има можности. И тоа со внатре- надвор, тоа е малку недоискажано“, кажа Јохан Елзесер, претседател на Здружението на угостители „ Хорекаши“

Во угостителскиот сектор во земјава работат 700 илјади граѓани, а од нив околу 150 илјади се во редовен работен однос. Незадоволни од како што велат,  законската регулатива по која работат, формираа ново Здружение „ Хорекаши“,  што ќе ги штити нивните права и ќе ги застапува пред институциите во борбата за реформи во секторот. Угостителите бараат од институциите да направат Национална статегија, во чија подготовка ќе бидат вклучени заедно со хотелиерите и со претставници од другите услужни дејности.

„Време е за инклузивни политики и конструктивна дебата, бидејќи тоа што ние го работиме, не се сведува само на некакви права за нас кафеанџиите, туку и за егзистенција на стотици и илјадници семејства, вработени во овој сектор“, додаде Аргировски.

Иако 300 до 400 млади луѓе годишно завршуваат стручно образование , најголем проблем е недостатокот на кадар зашто младите бегаат од државата, велат од „ Хорекаши“.

„Затоа бараме ревизија на образованието, во согласност со потребите на пазарот“, кажа Аргировски.

Ние немаме кадар. Инвестираме во луѓе кои не знаат да држат ајнцер, не знае да ти донесе чаша, а државата не ни помага, додаде Елзесер.

Од Здружението се пожалија и на други проблеми :

„Селективните и несразмерно високи казни од различни инспекции кои се надлежни за угостителскиот сектор. Бараме да престане, исто така злоупотребата на полицијата при инспекциски контроли. Ние се соочуваме со огромни даноци и давачки кои не се во чекор со реалноста во која опстојува овој бизнис сектор“, констатираше Аргировски.

Здружението „ Хорекаши“ ќе ја бие својата битка заедно со слични здруженија од Битола и Куманово. Иако , како што велат, нивните маки наишле на разбирање од владата, по дополнителната анализа до Нова година, барањата преку адвокатите што ги застапуваат, ќе ги испратат написмено до извршната власт.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 363 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.