Расипано затворско комбе го одложи судењето за „Монструм“

12 September, 2017 - 15:39

Штипскиот затвор немал возило да го транспортира Фејзи Азири до Врховниот суд каде требаше да се разгледаат жалбите на обвинетите кои добија доживотни казни за петкратното убиство кај Смилковското. Затоа денеска повторно по 4-ти пат се одложи стартот на јавната сендица за Монструм  езеро, овој пат за 3-ти октомври. Новиот директорот на штипскиот затвор Мики Тодоров во телефонски разговор за Телма вели дека сите три специјализирани возила за спровод се вон функција и дека уште на крајот на август ги известиле сите судови дека не се во можност да транспортираат притворени лица.  Единствено со обичен автомобил можат да транспортираат во штипскиот суд , но само притвореници со понизок безбедносен ризик .

 За да не се прави беспотребно трошок, ниту другите обвинети кои се во различни затвори низ земјава денеска не беа денесени во судницата. Адвокатите сметаат дека откако Зврлевски беше разрешен нема пречка СЈО да го преземе предметот Монструм.

-Оправдувањето досега беше дека нема соработка меѓу СЈО и Државното обвинителство, меѓутоа таа пречка сега е отстранета, бидејќи е разрешен државниот јавен обвинител. Не знам која е пречката што СЈО не го презема случајот, бидејќи има надлежност да го преземе. Ние како одбрана сметаме дека само на тој начин можеме да дојдеме до вистината во овој предмет, кој очигледно е монтиран, изјави адвокатот Рауфи

Обвинителката Лилјана Спасовска која од неодамна е и в.д. државен обвинител на првото рочиште побара од  Врховниот суд  да ги обезбеди  доказите  кои СЈО ги има за „Монструм“ за овој случај, но  денеска не сакаше да даде изјава. Од прес службата на државното обивнителстотво ни  одговорија дека до овој момент немаат сознание дали судот постапил  по предлогот на обивнителката. Од врховен пак велат дека во оваа фаза немаат надлежност да прибавуваат докази.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 1374 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.