Прекината изградбата на болницата Св. Еразмо

9 November, 2017 - 21:57

Изведувачот на  работите градежната компанија ВИА од Вевчани информира дека не може да го доврши новиот блок во болницата Св. Еразмо, кој е готов над 80%, бидејќи се уште не се ослободени старите операциони сали кои треба да се урнат за да се изградат нови. За тоа од декември 2016 година до сега биле испратени повеќе дописи до Министарството за здравство, од каде не бил добиен повратен одговор.

Новиот директор на болницата Св. Еразмо укажува дека доколку се затворат старите операциони сали постои ризик од престанок со работа на установата затоа што во проектот вреден нешто над 3 милиони евра обезбедени со кредит од Европската банка не се предвидени средства за опремување на новите операциони сали. Болницата нема пари за таква инвестиција, а дополнителен проблем претставува тоа што не е дефинирана намената на објектот, ниту како тој ќе функционира.

-Во ниеден момент не видовме која ќе биде намената на тој објект, факт е дека тој треба да се заврши, но не најдовме одлука ни на УО, ни на министерство што ќе биде понатаму со него. Што ќе биде треба да одлучи министерството, но сметам дека тоа е почнато на еден избрзан и нетранспарентен начин и мислам дека ќе треба една добра анализа што натаму со тој објект. -  вели Д-р Ацо Велески - директор на специјалната болница Св. Еразмо.

И од Заводот за кардиологија информираат дека до овој момент не добиле никаков официјален документ или одлука од Министерството за здравство за селење на оваа установа во новиот објект во Св. Еразмо, што е неприфатливо за лекарскиот колегиум.

-Со оглед на тоа што Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања, во моментов претставува единствена установа на територијата на Република Македонија којашто ги опфаќа сите сегменти на кардиолошко лекување, сметаме, а тоа е став и на лекарскиот колегиум дека било какво селење целосно или на било кој сегмент на установата е неприфатлов и на некој начин неодржлив. - изјави директорката на заводот за кардиологија Др Гордана Донеска.

Во телефонски разговор заменик министерот за здравство Гоце Чакароски ни изјави дека во моментов се разгледува целокупната проектна документација за да се утврди врз основа на кои одлуки се преземани дејствија за преадаптација на новиооиот  блок  во специјалната болница Св. Еразмо за селење на Заводот за кардиологија, за што јавноста ќе биде дополнително запознаена. Засега е извесно дека новиот болнички блок во Св. Ерзазмо нема да биде завшен во 2017 како што беше предвидено, а дали некој ќе сноси одговорност за сериозните пропусти во реализацијата на проектот и штетите кои ќе произлезат од пролонгирањето на роковите, останува отворено прашање.

Горан Момировски

 

Веста е прочитана 1929 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.