Предвремени парламентарни избори во Велика Британија на 8 јуни

18 April, 2017 - 12:56

Британската премиерка Тереза Меј денеска соопшти дека одлучила на 8 јуни да се одржат предвремени парламентарни избори во Велика Британија.

Британскиот Парламент треба на седница утре да го потврди ваквото решение на Меј, но опозициската Лабуристичка партија и нејзиниот лидер Џереми Корбин веќе соопштија дека тие ќе гласаат за предвремени избори.

Во кусата изјава Меј рече дека се одлучила за едно вакво решение во настојувањето да обезбеди „цврст мандат за Владата, пред интензивирањето на преговорите со ЕУ за напуштање на Унијата“, како и за да ги зацврсти позициите на Владата во британскиот Парламент.

Ваквото решение на Меј делува неочекувано, затоа што досега немаше такви најави, но не е изнендување.

Уште веднаш по референдумот од 23 јуни минатата година и оставката на тогашниот премиер Дејвид Камерон, беше јасно дека Меј која го наследи на функцијата без да помине низ изборна трка низ сопствената Конзервативна партија, ќе мора да организира предвремени избори.

За Меј тие се неопходни за да обезбеди сопствен мандат за водење на Владата и за управување со земјата, затоа што од крајот на јуни 2016 година таа го „троши“ мандатот што го освои Камерон на редовните избори во мај 2015 година.

Камерон го освои својот втор мандат со платформа во која се предвидуваше преиспитување на европската политика на Велика Британија, но не и референдум, а особено не излегување на земјата од ЕУ по 43 години членство.

Формирајќи своја Влада, главно од министроте од времето на Камерон, Меј има сосема нова платформа, која се состои од програма за излез од ЕУ и за преговори со Брисел за идните британско-европски односи по Брегзит.

Нејзините домашни критичари ја обвнуваат дека таа нема мандат за крупните чекори кои ги заговара нејзината Влада, барајќи од неа прво да обезбеди мамндат кај британските гласачи.

Либерал демократите бараат референдум за договорот за Брегзит, а Шкотската национална партија (СНП) бара рефередум за отцепување, несогласувајќи се со „англиската одлука“ за излегување од ЕУ, а во Северна Ирска не може да се постигне договор за заедничка влада на унионистите и републиканците, особено што двете партии се на различни позиции околу Брегзит.

Досегашните мерења на расположението на Британците покажува дека конзервативците на Меј се во предност пред лабуристие и другите опозициски партии. 

Веста е прочитана 535 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.