Поодлучни за новите предизвици – НАТО и ЕУ, порача Заев

11 October, 2017 - 16:33

Сега е време да им докажеме на сите скептици дека Македонија е новата ѕвезда во европското соѕвездие, дека го заслужуваме тоа место. Затоа  мора да бидеме поодлучни, порача премиерот Зоран Заев пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје, пред кој беше одбележан денот на народното востание - 11 Октомври.

„Празнувањето на големите датуми и оддавањето чест на нашите предци е само еден дел од нашата должност кон минатото“, порача Заев, додавајќи дека, мора да се зачува тоа што е наследено, а од Македонија да се направи поубаво место за живеење. Заменик-началникот на генералштабот, пак, рече дека, и денеска припадниците на АРМ водат битка, заедно со останатиот дел од нашето општество. Тоа е битка за европска Македонија, интегрирана во современите одбранбени системи и во НАТО.

Освен владината делегација, свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци положија и делегации на Собранието, на АРМ, на Сојузот на борците, на град Скопје, како и неколкумина амбасадори во земјава.

Во Прилеп, пак,  свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифовски Питу, како и на спомен обележјето „Могила на непобедените“, положи претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Во Куманово празникот беше одбележан пред Спомен костурницата, а присуствуваа бројни делегации, претставници од Владата, Собранието,  Претседателот и  локалната власт.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 1381 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.