Политизирање на празниците

11 October, 2017 - 21:31

Оживеаја просторите пред спомениците и бистите на хероите од Народно Ослободителната Војна. Денот на Македонското востание, 11-ти Октомври, беше одбележан вообичаено: со положување икебани со црвени ленти и букети цвеќе. Немаше марш по скопските улици што минатогодишната опозиција го организираше и го сметаше за предвесник на претстојните политички промени. Немаше масовни народни собирања, како на пример за Илинденските празници, на кои редовно некој политичар беше пречекуван со овации, а друг со свирежи. Социолозите велат дека празниците треба да ги обединуваат луѓето и да ги потсетуваат на историските настани.

Во повеќе од еднодецениското владеење, ВМРО ДПМНЕ внесе нов режим на празнување. Со закон ги укина втори јануари и втори мај, но за неработни денови прогласи повеќе верски празници: Бадник, Божик, Водици, Велики Петок, Задушница, Голема Богородица, Рамазан Бајрам, Курбан Бајрам, Јом Кипур, Свети Сава и други празници. На листата на државни празници го додаде и Денот на ВМРО – 23 Октомври. Со доаѓањето на власт, СДСМ веднаш ја укина државната награда 23 Октомври. Не би било изненадување ако го укине и  празникот, како и дел од верските празници. Големиот број празнични денови, воведенинајверојатно за да се угоди на една група луѓе, водат кон делби, вели професорот Ацевски.

Според Ацевски, верските празници не треба да се мешаат со државните зашто тоа го поткопува атеистичкиот карактер на државата и води кон дезинтеграција.

Празниците се користат и како повод за повикување на единство. Никола Груевски, во својата честитка, посочи дека 11 Октомври е отелотворување на идеалот на слободата и правдата, кој не води и денес за да градиме држава заеднички и сложно.Зоран Заев изјави дека секој треба да се запраша како да го сочуваме ова штого наследивме и како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани. А и претседателот Ѓорге Иванов побара да останеме верни на македонската традиција на соживот и почитување на различноста и да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено.

Соња Николовска 

Веста е прочитана 932 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.