Почина примабалерината Јагода Сланева

17 October, 2017 - 12:58

Почина првенката на балетот на МОБ, Јагода Сланева. Таа работеше во балетот на МОБ од 1968 година, се до нејзиното пензионирање во 1993 г. За неа не постоеја мали и големи улоги.  Долг е списокот на рољи кои Сланева со голема љубов и ентузијазам ги одигра на сцената на Македонската опера и балет. Ширин во „Легенда за љубовта“; Суламка во „Песна над песните“; Дојрана во „Лабин и Дојрана“; Марија во „Бахчисарајска фонтана“; Китри во „Дон Кихот“; Снежана во „Снежана и седумте џуџиња“; Џулиета во „Ромео и Џулиета“; Звончица во „Петар Пан“; Кармен во „Кармен суита“ и многу други. Како кореограф ги постави „Мансарда“; „Простување со Тања“; „Ричард III“; „Сказна за сказните“ и др. На оперската сцена настапуваше во : „Орфеј и Евридика“; и „Продадена невеста“, а како репетитор во „Распучин“; „Дон Кихот“; „Кармина Бурана“,каде беше и асистент кореограф, „Пинк Флојд Revisited“ и други. За својата успешна работа и посветеност, таа годинава ја доби наградата „ Менада“, што се доделува за врвни остварувања во областа на танцот. Комеморација по повод смртта на Јагода Сланева, ќе се одржи во петок во Македонската опера и балет, во 11 часот. Посмртните останки на Сланева ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта Бутел, во четврток, 19.10.2017 г. од 13.30, до 14.30 часот, а погребот ќе се изврши во 14.30 часот.

 

Веста е прочитана 529 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.