Почина поп иконата Џорџ Мајкл

26 December, 2016 - 16:22

На 53 годишна возраст, почина светска поп икона, Џорџ Мајкл. Смртта ја потврди и неговиот менаџер, објаснувајќи дека се работи за срцев удар. Џорџ Мајкл во текот на кариерата продаде 100 милиони албуми.

Момчето кое во далечната 1984 година ја испеа нумерата „ Минатиот Божиќ“, го напушти светот токму кога во дел од него се слави големиот христијански празник. Фанови и соседи денеска му оддаваат почит пред неговиот дом.

„Комплетно сум изненаден. Знаев дека често доаѓа во селото и навистина се шокирав кога слушнав дека починал“, вели соседот Александар Рој Џонс.

„Тој многу држеше до својата приватност. Знаеме дека често го посетуваше локалниот паб, се однесуваше пријателски, но држеше до приватноста. Често шетавме по должината на брегот на реката. Знаете, неговата куќа се наоѓа подолу на брегот. Таму е студиото каде ја создаваше својата музика. Да, многу сме тажни“, вели сосетката Маргарет Мичел Еим.

Смртта на музичката супер ѕвезда ја потврди неговиот менаџер , велејќи дека причината била срцев удар. Пред тоа се огласи полицијата со изјава, во која се вели дека смртта на Мајкал е необјаснива, но не и сомнителна. Но „ Дејли Меил“ потсетува дека Џорџ Мајкл починал 18 месеци откако се лечел на клиника во Цирих. Се шпекулира дека таму се лечел од депресија како последица од неуспешната битка со сидата. Но музичарот одбивал тоа да го потврди, пренесува „Дејли Меил“. Џорџ Мајкл или Јоргос Панајоту,  ја започна кариерата како тинејџер, во раните 80 -ти години на 20 век, како дел од дуото „УЕМ“, формирано со неговиот школски другар Ендрју Риџли. Потоа продолжи со соло кариера , која му донесе 100 милиони продадени албуми и соработки со Елтон Џон, групат Квин, Арета Френклин и други музичари. Неговите песни беа мешавина од соул и денс музика, со лични или социјално ангажирани пораки. Но хомосексуалната ориентација која ја призна 1998 година и користењето дроги, често го носеа до судир со законот. Тој се повлече од концертните настапи 2008 година, објаснувајќи дека ќе побара мирен живот за себе. Неговата смрт го шокира музичкиот свет. Елтон Џон пишува дека е во длабок шок и дека изгубил сакан пријател, најљубезниот како што вели, најдобрата душа меѓу нив. Според актерот Роб Лоу, Мајкл имал глас на ангел и сега може да пее за нив, а водителката Елен Деџенерис во пораката пишува дека е тажна заради смртта на прекрасен талент.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 625 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.