Одржана предпремиера на серијата „Инсајдер“

26 October, 2017 - 15:51

Возбуда, насмевки, исчекување. Ваква беше атмосферата пред денешната претпремиера на првата епизода од новата серија „Инсајдер“, што се одржа во МКЦ. Со емоциите од снимањето, екипата со нетрпение ја чекаше проекцијата.

„Такво емотивно, брзо. Генерално жестоко снимање, како што го видов и на трејлерот и едвај чекам да ја видам епизодата“, вели актерката Габриела Петрушевска.

„ Инсајдер“ е социјано ангажирана тв серија која се осврнува на деликатни теми од актуелната стварност, преку случките во редакција на истоимен неделен магазин, што се занимава со истражувачко новинарство.

„Една редакција е совршено место за да се прикажат, анализираат и пресоздадат некои состојби во општеството , кои што сакавме да ги покажеме преку оваа серија“, вели авторот на сценариото Сашо Кокаланов.

Пресликаната тензија од секојдневната работа во медиумите, во првата епизода ја зголемува веста дека „ Инсајдер“ се затвора. Но, тоа е само почеток што ги исполни очекувањата.

„За нас навистина беше  тешко кога работевме затоа што знаевме дека ќе се соочиме со новинарската фела бидејќи таа е примарна публика која ќе има потреба да се идентификува со ова што ние се обидуваме да го создадеме. И после првата проекција сум навистина задоволен затоа што реакциите на вашите колеги беа одлични“, вели режисерот Игор Иванов - Изи.

„Мора да имаш силна концентрација, да си физички подготвен комплетно за да ги завршиш работите како што треба. Драго ми е што фидбекот е одличен“, оцени актерот Дејан Лилиќ.

Покрај Игор Иванов, серијата ја режираа Дарјан Пејовски, Вардан Тозија, Дина Дума и Марија Апчевска. Главната улога ја толкува Ирена Ристиќ, а настапуваат и Светозар Цветковиќ, Јордан Симонов, Силвија Стојановска, Сања Арсовска и други актери. Директор на фотографија е Димо Попов, сценографијата е на Михаил Панев, а костимите на Илина Ангеловска. Директор на серијата е Никола Мадиќ, продукцијата е на телевизија Телма и на „Слобода филм“, а извршен продуцент е Атанас Кировски.

„Инсајдер е континуитет на играната продукција на Телма, која ја започнавме со играната серија за деца „Петко“, потоа лани ја имавме хумористичната серија „Преспав“ и сега годинава созреавме со нешто посериозно како што е „Инсајдер“. Се надевам дека догодина таа продукција ќе изгледа уште подобро“, вели Кировски.

Во првата сезона гледачите ќе видат 26 епизоди. Серијата „ Инсајдер“ започнува на програмата на телевизија Телма од 30 октомври, секоја вечер од понеделник до петок, во терминот од 20 часот и 30 минути.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1596 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.