Објавен предлог буџетот за 2018

12 November, 2017 - 15:45

Буџетот за 2018 во најголем дел ќе се финансира од задолжување. Максимално предвидениот износ на задолжување според предлог буџетот ќе изнесува над 854 милиони евра од кои 566  милиони евра од надворшените пазари а близу 300 милиони преку домашни аукции на долгорочни хартии од вредност. Надворешното задолжување го вклучува евентуалното издавање на еврообврзница плус кредитите од меѓународните организации но дали, и колку од планираното ќе се реализира, ќе зависи од условите на пазарите на капитал. Бројките покажуваат дека догодина кон странство треба да се врати долг од 169 милиони евра од кои само 95 милиони во јануари.

Во предлог буџетот распослан на 435 страници пишува дека за капитални расходи ќе се потрошат 400 милиони евра, а ставката за привремени вработувања се зголемува за речиси два пати. За нив годинава беа предвидени 674.000 евра а догодина 1,3 милиони евра. Ставката стоки и услуги се намалува за 3,3 милиони евра а за плати и надоместоци има зголемување од 7,9 милиони евра.

Даночните приходи се планирани во износ од 2,3 милијарди евра, тука е вклучен и ефектот по основ на зголемување на акцизата на нафтата од околу 26 милиони евра. Неданочните приходи се планираат на 280 милиони евра а капиталните приходи кои ја опфаќаат и дивидендата од Телеком, се 24 милиони евра.

Расходите се планирани на 3 милијарди евра и се наменети за плати во јавен секотр, пензии, социјални надоместоци, субвенции, поддршка на претпријатија. Фондот за ПИОМ останува најголемиот расход во Буџетот со речиси половина милијарда евра, наменети за навремена исплата на пензиите и нивно зголемување.

Што се однесува до институциите повеќе пари следната година ќе добие Агенцијата за разузнавање, Уставниот суд, Владата, Службата за општи и заеднички работи, Агенцијата за администрација, Секретаријатот за Европски Прашања и Собранието.

Буџетот на парламентот ќе тежи 9,3 милиони евра, а повеќе од половината или 5,1 милиони  евра ќе се потрошат за плати. Ќе се набавуваат нови возила, ќе се зголемат трошоците за договорни услуги но и за патни трошоци и тоа од сегашните 600.000 евра на 1,3 милиони евра. Шест пати повеќе пари ќе се потрошат и за собранискиот канал за кој годинава се предвидени 344.000 евра. Помал ќе биде буџетот за Кабинетот на претседателот Иванов, за ДЗР, за ДИК и за Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор. Со предлог буџетот се планирани 65.000 евра за чистење на депонијата во Струга.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 3085 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.