Нови директори во моќните енергетски компании

6 August, 2017 - 15:57

Со богато стручно, но и со експерстко искуство, професорот на Електротехничкиот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“ отсега натаму ќе менаџира со производството на струја во земјава. На предлог на Владата, 37 годишниот Драган Миновски е именуван за нов директор на државната ЕЛЕМ.

ЕЛЕМ е едно од најмоќните и најзначајни акционерски друштва во сопственост на државата. Од позиција на научник Миновски ги критикуваше политиките на претходното раководство, влезе и во дискусија со сега екс директорот Христијан Мицковски.

Мицковски, пак, вчера преку Фејсбук соопшти дека е разрешен од местото генерален на ЕЛЕМ.

„Горд сум на сето она што заеднички го правевме за АД ЕЛЕМ, за Македонија, направивме многу, а можевме уште повеќе. Делото сега ќе продолжи на друг терен, меѓу студентите и граѓаните“, напиша Мицковски.

Сашо Василевски, досега член на Советот на Јавни обвинители, ќе раководи со македонскиот преносен оператор, МЕПСО. За Телма го потврди својот избор, денес се запозна со соработниците.

„Можам да одговорам на задачата, сакам и прифаќам предизвици, се надевам резултатите ќе бидат очигледни. Не сметам дека е проблем тоа што сум правник, станува збор за менаџирање на компанија. Ќе ми помагаат уште 6 директори, кои се стручни во областа“, вели Василевски. 

Еден од неговите соработници, кој ќе раководи со финансиите ќе биде и Љупчо Зиков, економски новинар и бизнисмен.

Уште еден новинар, Драган Антоновски, ќе раководи со Македонската информативна агенција. За Телма вели дека негов предизвик е МИА да биде во функција на информирање на граѓаните, со точни и веродостојни информации, што ќе и ја претстават вистинската слика на јавноста.

На местото на Жарко Караџоски, доаѓа Зоран Ѓорѓиев, кој ќе биде нов генерален директор на Македонски Шуми, кавадарчанец кој во ова јавно претпријатие работи повеќе од 20 години. Именуивани се членови на одбори и директори и на други државни компании, претпријатија, театри, но дел од нив се уште се чуваат во тајност. Денеска е последниот ден во кој Владата ќе мора да финишира со поставувањето нови тимови во државните институции. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 8846 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.