Ноќна акција на МВР низ кафулињата во Битола и Прилеп

19 November, 2017 - 15:49

Деветнаесет угостителски објекти се затворени, а 26 лица се приведени, во синоќешните координирани  акции  на полицијата, Управата  за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат во Тетово и Гостивар, каде вкупно биле контролирани 31 локал.

Забраните за вршење дејност од 15 или 30 дена се изречени за неиздавање фискални сметки, за непоседување фискален апарат, но и заради вршење угостителска дејност без регистрација. Акција била спроведена и во Битола и Прилеп, но таму не биле констатирани посериозни прекршоци, информираат од МВР.

За синоќешната акција  на МВР и УЈП  во локалите низ повеќе градови, реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Велат дека власта нема идеи за нови проекти кои би донеле дополнителни средтсва во буџетот, затоа што е фокусирана само на полнење на личните конта и обвинија за селективност при контролата на угостителските објекти. 

„Доцна синоќа на удар беа локали во Прилеп и Битола кои немаат врски или не платиле некому од локалното раководство на СДС или директно кај Вицето. Кој им јави за инспекциите на оние на кои не им беа пишани казни? Колку наплаќаат Заев и Вице за едно такво јавување?“ пишуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Минатата недела ваква акција беше спроведена во угостителските објекти низ Скопје, при што 13 локали беа затворени  заради констатирани  неправилности во работењето. 

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 5456 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.