НГМ утре во Владата ќе прави попис на позајмените дела

12 June, 2017 - 18:19

Тимот од Националната галерија на Македонија, кој се грижи за сопствената колекција, утре за прв пат по 18 години откако позајмил дела на Владата, ќе има можност да влезе во објектот, за да направи попис. За тоа стигна потврда од новиот шеф на Службата за општи и заеднички работи при Владата.

-Утре од Националната галерија на Македонија, согласно договорот меѓу двете институции, ќе бидат повикани да направат убив во состојбата на делата, кажа Пеце Мирчевски, шеф на службата за општи и заеднички работи при Владата на РМ.

СОЗР реагира откако минатата недела од Националната галерија на Македонија испратија барања до нив, до премиерот Заев и до министерот за култура Алаѓозовски, да им се дозволи да направат попис на 26 вредни дела, кои поради реновирањето на владиниот објект од претходната власт ,како што неофицијално дознава Телма, биле симнати од ѕидовите и однесени во депо, без да се знае каде точно.Стравот на вработените од галеријата, дополнително го зголемува непотврдената информација дека едно позајмено дело од Петар Мазев, исчезнало 2014 година.Според новиот раководител на колекцијата, од 1999 година кога ги позајмиле делата на Владата, на галеријата не и било дозволено согласно договорот да направи увид  во нивната состојба.

-Околу 40 % од овие дела се од прва категорија и ние сме обврзани да ја следиме состојбата на делата и да бидеме консултирани, како што не бевме во овој случај при промена на нивната местоположба, евентуална, изјави Маја Чанкуловска Михајловска, раководител на колекцијата при НГМ.

Увид во состојбата на делата и информација за јавноста, за оваа седмица најавија и од кабинетот на министерот за култура, од денешниот брифинг со одговорните уредници на медиумите, во Даут Пашиниот Амам.   

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1963 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.