Невремето создаде нови, а ги покажа и старите проблеми во музеите

15 June, 2017 - 16:28

Не реновиран 15 години по реставрацијата, објектот Чифте амам при Националната галерија на Македонија, беше лесна мета за вчерашниот силен дожд, проследен со град, кој ги искрши стаклата од куполите на кровот.

Ден по невремето, започна санацијата во Чифте амам. Парчињата стакло кои сеуште се видливи на подот во објектот, вработените ги расчистуваат. А, започна и санацијата на 140 парчиња стакло кои биле дел од куполите, што беа искршени во синоќешното невреме.

Од утрово на терен излегла стручна екипа предводена од Лазар Шуманов, автор на проектот за конзервација и реставрација на Чифте амам. Направен е увид на состојбата, изготвен е записник и дадени насоки за итна замена на стаклата од покривот. А, висината на штетата допрва прецизно ќе се утврдува, вели директорката.

„Ние главно отидовме на санација, за да не не наврне пак. Треба да тргнат и други интервенции со анекс договори или анекс проекти кои што дополнително треба да се ревидираат, да се заклучат, за да може да се пристапи систематски“, вели Дита Старова Керими.

Паднатите стакла врз скулптурите од авторот Дејан Спасовиќ, нема да го спречат отворањето на неговата изложба вечерва, дополнува директорката на галеријата. Таа се надева на сретства од странски фондови за целосно покривање на штетата, во која влегува и појавената влага по ѕидовите. Влагата ќе се санира долгорочно со изработка на елаборат за целокупна конзервација на објектот, најави синоќа министерот за култура, Алаѓозовски.

Од невремето е зафатен и Музејот на Македонија. Стар проблем е појавата на капиларна влага во галеријата со етнолошка поставка, поради вкопаност на објектот во карпа, велат вработените. Но, експонатите не се оштетени. Поголема штета од протекувањето на стаклениот кров е направена во дел од канцелариите и во фоајето на административната зграда, каде денеска се собираше водата.

По поплавата минатиот август, Музејот на Македонија по вчерашното невреме, повторно е поплавен. Но како ќе се санираат штетите, денеска не успеавме да дознаеме, затоа што директорката Мирјана Нинчовска, како што ни рекоа вработените, денеска и утре не е на работа.

А, од Министерството за култура велат дека испратиле нивна и инспекција од Управата за заштита на културното наследство, за да ги констатираат штетите, по што ќе се утврди евентуалната одговорност на раководството на Музејот на Македонија.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1592 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.