Нема судир на интереси, тврди Анѓушев, опозицијата бара да се поништи тендерот

10 September, 2017 - 18:25

Нема конфликт на интереси, законот не е прекршен, бидејќи јас сум само сопственик, а не и управител на компанијата. Со ова тврдење денеска по втор пат пред јавноста излезе вицепремиерот Анѓушев, откако медиумите објавија дека неговата Фероинвест учествуваше на тендерот на ЕЛЕМ за набавка на гумени транспортни ленти за потребите на РЕК Битола, вреден 2,6 милиони евра. На прашањето дали неговите фирми ќе се се појавуваат и на други државни тендери, вели тоа ќе биде одлука на менаџерските тимови.

Вицепремиерот Анѓушев рече дека не чувствува никаква морална одговорност, бидејќи во овој случај нема ништо спротивно на законите.

„Дали некој мисли дека моите компании кои постојат 15 години, вработуваат 800 луѓе и извезуваат во 22 земји, треба да бидат затворени, праша Анѓушев Тој ги повика медиумите да го следат овој случај, како и другите државни тендери, и доколку откријат нешто незаконско, да ја алармираат јавноста“.

„Никаде во Законот за спречување на корупцијата не е наведено дека треба да престанам да бидам сопственик на компаниите. Тоа значи дека никој не треба да биде потпретседател на Влада бидејќи секој е сопственик на нешто. Јас не управувам во компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам ниту еден бенефит од моето управување во Владата“, вели Анѓушев.

Се огласи и Фероинвест. Од компанијата велат дека учеството на тендери во земјава е право на секое правно лице кое ќе докаже со документација и референти проекти дека може да ја изврши работата. Ќе учествуваат и на наредното јавно наддавање на ЕЛЕМ, во конзорциум со турската компанија Озербанд.

„Тоа право ќе го користиме секогаш кога ќе може да понудиме квалитет со соодветна цена. Целиот процес на работа на нашите компании е јавен и транспарентен, особено кога станува збор за нашиот холдинг кој постои речиси две децении“, велат од Фероинвест.

Експертите сметаат дека во оваа фаза од постапката не може да се тврди дека законот е прекршен. Од аспект на моралот и етиката, пак, велат, тие прашања се личен избор, и за нив треба да се размислува пред да се прифати одредена државна функција, дали таа ќе може да се извршува подеднакво доследно и со интегритет и во ситуација кога ќе се појави личен интерес.

„Лицата не учествуваат на тендер, туку компаниите кои тие ги основале. Законот бара државните функционери да не се управители на компанијата која учествува на тендер. Треба да се почитуваат критериумите на тендерот, доследно да се спроведува тендерската постапка, и треба да се следи како ќе се спроведува договорот“, вели Тасева.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека оправдувањето на вицепремиерот е неиздржано и потценувачко, а парите повторно ќе завршеле во неговиот џеб.

„Обвинителството треба да утврди кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот припаднал во рацете на фирмата на вицепремиерот Анѓушев. Потребно е итно поништување на тендерот како и оставка на милионерот Анѓушев. Она што по ќе се памети Анѓушев се милионерските тендери на неговите фирми“, вели Колариќ.

На денешниот отчет за 100 дена, пак, Анѓушев рече дека оваа Влада ги исполнила ветувањата, а тие се да нема повеќе политички притисок врз бизнисот, а парите да се вратат кај граѓаните. Креираме поволна атмосфера за економијата, и тоа за сите, и домашните и странските компании. Клучни ни се инвестициите во инфраструктурата и енергетиката. Интересна беше неговата најава дека јавноста многу брзо ќе дознае колкава е вкупната сума на државната помош доделена на странските инвеститори, но Владата нема да објави поединечно која компанија колку пари добила, со цел да не им се наштети на компаниите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 5332 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.