Наместо мај годинава, Миладиновци-Штип ќе биде готов дури во септември 2018 година

9 September, 2017 - 15:20

Преку законски измени ќе се пролонгира рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип, за близу година и половина. Со анекс на Договорот, на барање на кинсеската компанија Синохидро, ќе се одреди дека наместо во мај годинава, како што првично беше предвидено, овој патен правец треба да биде готов дури до крајот на септември наредната година. Се очекува Владата да му даде зелено светло на анексот веќе на наредната седница во вторник, а веднаш потоа до собранието ќе се достави и соодветното законско решение. 

Најверојатно ќе мора да се продолжи и рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, за кој претходно се најавуваше дека ќе финишира во јануари 2018. Тој досега е реализиран со само 48 отсто, а за анексот на овој договор со Синохидро ќе се разговара после локалните избори.

Министерот Сугарески, и денеска, на отчетот за стоте дена од работењето, обвини за сериозни пропусти при проектирањето и изградбата на автопатиштата, направени од претходната власт. Имаме невидени проблеми, нема клучки на автопатиштата, вели Сугарески, но не сум тука за да се жалам, работиме за да ги решаваме .

„Тие дополнителни средства ќе бидат на товар на граѓаните, јас не велам не, само ние настојуваме тие да бидат што помали. Јас велам дека од информациите што ги имаме, дека трасите се грешени, проектите се направени погрешно, менувани се на дневна основа. Зошто криеја, 4,5 години криеја дека се закочени автопатите, ако не дојдеше друга власт, за тоа никогаш немаше да се дознае“, рече Сугарески.

За автопатот Демир Капија-Смоквица, пак, вели дека повеќе од една година неговите претходници не доставиле документација за добивање одобрение за дислокација на 400 киловатен далновод и за градење на контролниот центар во Неготино. Очекуваме во најбрз можен рок тие две забелешки да се отстранат и автопатот да биде пуштен, вели министерот.

Возварти поранешниот министер Владо Мисајловски. Очигледна е тенденцијата на новата власт својата неработа и неспособност да ја покријат со лажни обвинувања и валкање на интегритетот на други личности.

„Додека бев министер немаше ниту еден ден во коју не се работеше или имаше застој во градбата на автопатиштата. Тоа е така затоа што на дневна база менаџиравме и решававме проблеми. Тоа е факт. Наспроти ова, новата Влада и министерството, не реши ниту еден проблем и не знаат да изменаџираат со овие капитални проекти. Ако беше на власт ВМРО-ДПМНЕ и ги водеше овие проекти, ви гарантирам дека таму активно ќе се градеше. Кога имав можност да го водам овој ресор, министерството за транспорт и врски беше лидер на проекти и во сериозна градежна експанзија, а со тоа се помагаше на економијата, како и на градеѓниот сектор во целост“, вели Мисајловски.

Новата Влада која кога се открија грешките кај автопатиштата излезе со проценки оти штетите за буџетот на државата ќе се движат и над 100 милиони евра, сега ретерира на таа тема. Сугарески само вели дека работат на тоа како дополнителните трошоци да бидат што помали.

„Јас не сакам сега да шпекулирам и да излезам со цифра и да кажат министерот лаже, или да кажат дека се случуваат некои други работи, за кои не сакам ни да помислам“, рече Сугарески.

Претходната Влада договори со Синохидро изградбата на автопатот Кичево-Охрид да чини 373 милиони евра, а Миладиновци-Штип 206 милиони.

Сугарески и денеска беше дециден дека изградбата на автопатиштата не е стопирана, туку е само намален интензитетот на работа. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3386 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.