МНР ќе го разрешува почесниот конзул-осомничен за убиството на своите две деца. Амбасадата во Мадрид го предложила за конзул.

19 April, 2017 - 17:10

Од македонското МНР за Телма одговорија дека пред Велигден е отпочната постапка за разрешување од статусот почесен конзул на Македонија во Шпанија за Марио Сезар Деус Јела.

Јела е осомничен за убиство на своите тригодишни близначиња извршено пред десетина дена во Јужноафриканската Република.

-Постојано комуницираме со МНР на Шпанија, но очекуваме и писмени информации за текот на постапката од сите надлежни институции во Кралството Шпанија. Имаме комуникација и со членовите на семејството на почесниот конзул. Постапката се уште е отворена и исходот е неизвесен. Минатата недела е почната и постапка за разрешување од статус почесен конзул на Република Македонија, ни изјавија од прес службата на МНР во Скопје.

Од МНР ни објаснија дека согласно законските процедури предлогот Марио Сезар Деус Јела да биде избран за почесен конзул е доставен од страна на амбасадата на РМ во Мадрид, Шпанија.  Според законските одредби за предложениот кандидат за почесен конзул МНР на земјата односно во случајот Шпанија треба да се изјасни позитивно за да продолжи постапката.

Шпанија дала зелено светло за Јела по што тој на седница на влада во декември 2012-та е избран за почесен конзул. Марио Сезар Деус Јела бил стоматолог во Барселона, имал уште една бизнис фирма, а бил познавач на виното и на енологијата (наука за виното).

Миомир Серафиновиќ 

Веста е прочитана 1314 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.